1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нерешена и тензична генерална проба

СН/СТ/дпа/сид5 мај 2013

Едно исклучување, два гола, расправија во зоната за тренери, промашен пенал: Борусија Дортмунд и Бајерн Минхен, пред финалето на Лигата на шампионите, ги одмерија силите во 32. коло во Бундеслигата.

https://p.dw.com/p/18SUo
Фотографија: Getty Images

Тоа беше првиот нерешен резултат (1:1) за Бајерн Минхен по серијата од вкупно 14 победи едноподруго сезонава во Бундеслигата. Со тоа Бајерн по низата рекорди остварени во сезоната 2012/2013 не успеа да собори уште еден рекорд - во 2005 година, под водство на Феликс Магат, оствари 15 победи по ред.

Како и што се очекуваше, двата тренера за овој меч се решија на терен да не ги изнесат најдобрите екипи. Во споредба со натпреварите во Лигата на шампиони, во тимот на Борусија не беа пет од стандардните играчи, а во Бајерн дури осум. По вториот жолт картон, во 65-тата минута е исклучен одбрамбениот играч на Бајерн, Рафиња. Судијата, навистина, во дуелот на Рафиња и напаѓачот на Борусија Јакуб Блаажиковски, (кој го викаат Куба, н.з.) најпрво досуди слободен удар за Бајерн, но по препирката и буткањето прсти директно во образот на противникот, Рафиња на крајот сепак со „црвен“ картон мораше да го напушти стадионот. Во таа прилика дојде до размена на груби зборови меѓу тренерот на Борусија Јирген Клоп и спортскиот директор на Бајерн Матијас Замер. Дури подоцна, по интервенција на судијата Петер Гагелман, Клоп и Замер се ракуваа меѓусебно.

Можеби целата оваа експлозивност на овој дуел, посебно пред финалето на Лигата на шампиони, најдобро ја опиша голманот на Бајерн Мануел Нојер.

„Мислам оти ваквите натпревари никогаш нема да бидат пријателски. За нас секогаш е предизвик да играме против Дортмунд. Се забележуваше дека поради тоа и така решително влегувавме во дуели. Понекогаш тоа беше на границата на дозволеното, но во секој случај не беше злонамерно. Фудбалот е впрочем машки спорт“, кажа Нојер.

Клоп: Размислувам за Џеко

Fußball Bundesliga 32. Spieltag Borussia Dortmund FC Bayern München Rote Karte
Фотографија: picture-alliance/dpa

Судејќи според се’, по потпишувањето на договорот на Марио Геце за Бајерн, за навивачите и фудбалерите на Борусија тоа и натаму е шокантна вест која се’ уште не е преболена. Најпрво одбрамбениот играч на Борусија Матс Хумелс рече:

„Долго не можев да спијам по таа вест. Беше тоа тешка ситуација за нас. Да се изгуби некој кој потекнува од нашиот тим, особено играч каков што е Марио, кој е сигурно меѓу неколкумината најдобри играчи во светот, е многу непријатно“.

Потоа директорот на клубот Ханс-Јоаким Вацке најави дека по заминувањето на Геце Борусија веќе никогаш нема да потпише договор како со него, во кој била внесена клаузула дека може да отиде доколку некој друг тим плати за него 37 милиони евра.

Непосредно пред натпреварот со Бајерн на стадионот во Дортмунд, меѓу навивачите се појави плакат со погрдна порака до Марио Геце. Соочен со речиси сигурното заминување наредната сезона и на извонредниот напаѓач Роберт Левандовски, тренерот на Борусија Јирген Клоп за телевизијата Скај, по вчерашниот меч, изјави оти веќе не го исклучува трансферот на поранешниот најдобар стрелец во Бундеслигата, босанскиот напаѓач Един Џеко, кој моментално игра за Манчестер Сити.

„Засега не знам ништо за евентуална средба со Џеко, можеби и воопшто ќе ја нема. Но, ако се знае што ќе се случува наредната година во нашиот напад, тогаш секако дека мора да се размислува за Џеко“, рече Клоп. Тренерот на Борусија сепак напомена оти Џеко можеби не одговара баш најдобро во начинот на играта на неговиот тим.