1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нескршливиот оптимизам на Обама

Миодраг Шориќ
11 јануари 2017

Американскиот претседател Барак Обама одржа проштален говор, кој ќе влезе во историјата, коментира Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2VbOA
USA Präsident Barack Obama Abschiedsrede in Chicago
Фотографија: Reuters/Jonathan Ernst

Традицијата на држење проштален говор води корени од времето на првиот американски претседател: Џорџ Вашингтон. Обраќањето има двојна функција: осврт на она што е постигнато, и поглед кон иднината- кон предизвиците кои земјата треба да ги совлада предводена од новото раководство. Прошталните обраќања на најголем дел од претседателите не се историски. На многумина им се важни самофалбите, некои тука гледаат последна прилика за свое оправдување - зошто во текот на мандатот донеле такви, а не поинакви одлуки. Исклучок претставува говорот на претседателот Двајт Ајзенхауер и неговото предупредување од опасно растечката моќ на „воено-индустрискиот комплекс“.

Во категоријата историски секако ќе влезе и исклучително емотивниот и, на изненадување на многумина, многу оптимистички говор на Барак Обама. Изненадувачки од причина што неговото мислење во однос на многу политички области не може да биде поразлично од убедувањата на неговиот наследник, Доналд Трамп, кој веќе најави намера да анулира голем дел од постигањата во изминатите осум години. Каква трагедија: политичкото завештание на претседателот Обама делумно зависи од желбата на Трамп што ќе остави да постои и натаму. 

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Претседател без скандали

Обама е свесен за тоа и сепак не дозволува поматување на оптимизмот. Неговата верба во Американците, во нивните вредности, во уставот на земјата, се чини нескршлива. Американската демократија е во опасност само тогаш ако Американците ја сметаат за гарантирана, изјави тој во Чикаго, во градот каде почна неговата политичка кариера која го одведе во Белата куќа. Обама, исто како и во времето кога беше млад сенатор, ги повика своите сонародници да се ангажираат општествено и политички, да не западнат во цинизам и да не дозволат да бидат обесхрабрени од неуспесите.

Тоа беше обраќање на државник со морален интегритет, од кого зрачи достоинство и врз чие претседателство не падна ни ронка од некаков скандал. Каков контраст во однос на Трамп, кој уште пред полагањето претседателска заклетва, доминира во медиумите со своите навреди и подбуцнувања. Додека Обама во Чикаго апелираше на идеалите на своите сонародници, американските тајни служби ја информираа политичката елита во Вашингтон дека е можно руската тајна служба да располага со компромитирачки материјал за Трамп. Каква симболика! Раликата не може да биде подрастична.

Обама може да се гордее

Сепак мора да се признае: Обама е суетен. Во својот проштален говор тој ги наброја постигањата на своето претседателство: спасувањето на економијата во 2009. година, намалувањето на стапката на невработеност, здравственото осигурување-Обамакер, ликвидацијата на Осама бин Ладен, нова климатска политика, договорот со Иран или новиот почеток во односите со Куба. А зошто и да не ги спомене овие и други свои успеси? Републиканците не пропуштија прилика да му го отежнат животот на претседателот Обама. Америка денес вистински е во подобра позиција отколку пред осум години. Обама има причина да се гордее со постигнатото.

Очекувањата од овој претседател од самиот почеток беа нереалистични. Јазот меѓу богатите и сиромашните и натаму е голем. Расизмот како американски проблем не исчезна со самиот факт што во Белата куќа се всели еден Афроамериканец. Обама никогаш не сакаше за неговиот мандат да биде пресудна неговата боја на кожата. За промени е потребно време, истакна Обама, кој во голем дел од својот говор звучеше исто како на почетокот од своето претседателство. Како некој, кому образованието и шансите за напредување на сиромашните му лежат на срце, исто како и здравствено осигурување за сите луѓе или рамноправност за малцинствата.

Обама сѐуште е претседател, но на многумина Американци тој веќе им недостасува.