1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неславен крај во Копенхаген

19 декември 2009

Преку 110 шефови на држави и на влади учествуваа на Конференцијата за климата во Копенхаген. На светските лидери во главниот град на Данска не им успеја, да склучат договор за заштита на климата.

https://p.dw.com/p/L8n5
Фотографија: AP

Во три часот по полноќ по средноевропско време беше јасно дека Конференцијата во Копенхаген доживеа неуспех. Малата островска држава Тувалу, која е загрозена од покачувањето на нивото на морето, како и повеќе други земји го отфрлија минималниот компромис постигнат зад затворени врати од страна на 25-те индустриски развиени и земји во економски подем. Кон бојкотот се приклучија и Венецуела, Боливија, Никарагва и Куба. По десет денови преговри средбата во главниот град на Данска заврши без опипливи резултати. Инаку текстот на комппромисната политичка декларација наводно содржел напредок околу прашањето за финансиската помош за земјите во развој. Тие од 2020 година натаму би требало да добиваат по 100 милијарди долари годишно.

Катастрофален неуспех

Кога станува збор пак за целите за намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата имаше тотален неуспех. Шефовите на држави или на влади собрани во Копенхаген не беа во состојба да се договорат за обврзувачки бројки за 2020 година. Дури и долгорочните цели за 2050 година кои всушност не беа оспорувани на крајот не се најдоа во компромисниот текст. За присутните невладини организации ова е катастрофален неуспех: „Тоа е предавство на сиромашните, предавство на особено загрозените земји, предавство на малите островски држави предавство на сите деца и внуци на оваа планета“, истакна Јужноафриканецот Куми Наиду од „Грин пис“.

UN-Klimakonferenz in Kopenhagen Obama
Барак ОбамаФотографија: AP

Конечно Конференцијата доживеа неуспех на два пункта: Прво, државите не можеа да се договорат колку секоја земја посебно треба да ги намали емисиите на штетни гасови. Натегања имаше до самиот крај, и само малку земји беа подготвени да попуштат. Второ Кинезите се спротиставуваа нивните емисии да бидат контролирани од независен субјект.

Обама се обиде да шири оптимизам

Dänemark Klimakonferenz Kopenhagen Globus
Фотографија: AP

Повеќепати американскиот претседател Барак Обама се среќаваше со кинескиот премиер Вен Џијабао. Залудно. Ниту самиот Обама во Копенхаген не понуди повеќе од скромните американски иницијативи за заштита на климата. Обама сепак се обиде да шири оптимизам: „Верувам дека постигнатото во Копенхаген не е крај. Тоа е почеток. Почеток на нова ера во меѓународните односи.“

За една година во Мексико на наредната Конференција за климата одново ќе мора да се расправа како да се ограничи затоплувањето на Земјата. Научниците и активистите за заштита на климата меѓутоа предупредуваат дека времето одминува: „Знаеме дека во наредните години, всушност до 2015/ 2016 година ќе мораме да го достигнеме врвот на глобалните емисии на штетни гасови, ако се’ уште сакаме да останеме на целта од максимално загревање од два степена Целзиусови во која толку многу се колнеме. Сега ќе биде многу, многу тешко, воопшто да се достигне тоа.“

Автор: Јоханес Бек/Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска