1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

240609 Merkel USA

25 јуни 2009

Германскиот канцелар Ангела Меркел денеска (25.06.2009)патува во Вашингтон на средба со американскиот претседател Барак Обама.

https://p.dw.com/p/IalH
Обама и Меркел на последната средба во ДрезденФотографија: AP

Ангела Меркел ќе има разговор во четири очи со нејзиниот домаќин, а потоа тие ќе одржат заедничка прес-конференција. Тоа е нејзина прва посета на Белата куќа откако во неа се всели Обама; невообичаено доцна, што е повод за шпекулации за наводно нарушени односи меѓу нив. Но, во меѓувреме тие се сретнаа повеќепати на различни места, Последната средба беше неодамна во Дрезден.

Климата е важна

Американскиот претседател и’ го масира вратот на Меркел, прави шеги додека се гоштеваат со раженчиња од дива свиња - слики што останаа во сеќавање, но од Џорџ Буш, претходникот на Обама. Од сегашниот претседател досега не можеше да се види ништо слично, па постојано се мрмори дека климата меѓу него и Меркел не е срдечна.

Од агол на гледање на кабиентот на канцеларот, климата и навистина ќе биде главна тема на претстојната средба во Вашингтон, но светската клима. Без битна промена на американската политика во однос на климата не ќе биде можно да се постигне нешто на конференцијата во Копенхаген во декември, кога треба да биде потпишан нов протокол за климата, замена за протоколот од Кјото, чија важност истекува.

Obama Merkel Baden-Baden
Обама и Меркел ќе имаат разговор очи в очиФотографија: AP

„Знаеме дека новата американска администрација и самиот Барак Обама полагаат многу врз тоа, Соединетите држави во иднина да играат конструктивна улога“, рече Меркел во најновата видео-порака, објавена во интернет.

Американскиот Конгрес токму расправа за предлог-закон со далекусежни мерки за заштита на климата. Уште пред средбата со Обама, Меркел утре изутрина ќе се состане со Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом на Конгресот, како и со пратеници, со кои ќе разговара на оваа тема.

Обама ја цени директноста на Меркел

Втора важна тема на разговорите Меркел - Обама ќе биде светската економска криза. Порано владата на Обама и’ префрлуваше на Германија дека не прави доволно за поттикнување на конјунктурата. Обратно, од Германија беа упатувани критики дека американската емисиона банка го преплави пазарот со свежо печатени пари. Од опкружувањето на канцеларот се вели дека Меркел сака со Обама да разговара за тоа, како од сегашните антикризни мерки, што е можно поскоро, повторно да уследи солидна, трајна финансиска политика.

Merkel und Obama
Германската канцеларка сака да разговара за тоа - како по антикризни мерки да уследи трајна финансиска политикаФотографија: AP

Ако обете страни навистина имаат слични гледања во однос на совладувањето на кризата и на излезната стратегија, како што сметаат во кабинетот на германскиот канцелар, тогаш е тоа добар предуслов за климата во претстојните разговори.

На почетокот на јуни во Дрезден Обама ја означи Меркел како пријателка и ги пофали нејзината интелигентна анализа и директниот начин на обраќање. Ангела Меркел тогаш возврати во сличен тон:

„Навистина е задоволство да се соработува со американскиот претседател, оти продлабочената и аналитичка дискусија многу често не‘ води кон исти оцени. Мислам дека кога беше неопходно секогаш наоѓавме заедничко решение.“


Автор: Петер Штицле / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска