1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Несреќи поради алкохол

Ј. Шулце/ Ј.Мартин/ З. Јордановски29 јули 2012

Стапката на учество на младите лица во тешките сообраќајни е посебно голема. Речиси секогаш улога игра алкохолот. Последиците од тоа им се презентираат на младите луѓе во училиштата во рамки на еден полициски проект.

https://p.dw.com/p/15am7
Фотографија: picture alliance/dpa

Несреќите што ги доживуваат млади луѓе во утринските часови на викендите, најчесто под дејство на алкохол, полицијата ги означува како диско-сообраќајки. Фабијан Хагеман преживеа таква несреќа. Неговиот најдобар пријател Доминик и уште тројца младинци загинаа.

„Сфатив дека постапував лекомислено, но добив уште една шанса и сакам да ја искористам за да дејствувам превентивно, да им пренесам на други млади луѓе дека со задоволство би сакал да ги поштедам од работите што ми се случија мене - такви тешки несреќи, трауматски ситуации“, објаснува Фабијан Хагеман, преживеан од диско-сообраќајка.

Лани во сообраќајки под влијание на алкохол загинаа 400 луѓе. Поради тоа Фабијан се ангажира во проект на полицијата од Северна Рајна Вестфалија. Тој предупредува со драстични филмови и вистински приказни.

„По две-три минути, кога ќе бидат прикажани првите секвенци, ќе настапи апсолутна тишина. Ова уште еднаш го обработуваме и во училиштата и постојано сознаваме дека потоа сериозно се замислуваат“, вели Мартин Полман, од полицијата во Косфелд.

Фабијан започнува да раскажува за несреќата: „И, веќе почна. Возачот поаѓа од паркингот со квичење на гумите и ја пушта музиката до крај“. Фабијан и другите не забележуваат дека возачот е пијан. Вози 180 на спореден пат.

Symboblbild Unfall Freitag den 13 dreizehnten
Учениците дознаваат за последиците од преживеан во сообраќајна несреќаФотографија: Fotolia/mtsyri

„Единственото на што се’ уште можам да се сетам е дека излетавме од коловозот и во ровот налетавме на дрво. Ја истргнав раката угоре, но предоцна“, раскажува Фабијан Хагеман, преживеан од диско-сообраќајка.

Возачот и двајца младинци загинаа на лице место, а четвртата жртва им подлегна на повредите наредниот ден. Фабијан и уште еден сопатник одвај преживеаја. На овој креш-курс учениците се видливо шокирани.

„Ова беше многу поучно и интересно. Многу ќе влијае врз моето возење“, вели Артур, 19-годишен ученик.

„Долго време веројатно нема да се впуштам во вакво нешто, да се качам во автомобил ако луѓето пиеле“, вели 18-годишната Лара.

По четири недели следува наредниот креш-курс. Тогаш Фабијан повторно ќе раскажува за последната вечер со неговиот најдобар пријател.