1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху ќе им биде „партнер за мир“ на Палестинците

26 март 2009

Парламентот ќе гласа за новиот владин кабинет на Бенјамин Нетанјаху наредната недела. Истовремено тој најави дека ќе ги продолжи мировните преговори со палестинските автономни власти.

https://p.dw.com/p/HJqW
Нетанјаху: Постигнувањето мир е цел на секоја израелска владаФотографија: AP

Неговата влада ќе им биде „партнер за мир“ на Палестинците - ова го изјави мандатарот за состав на новата влада, Бенјамин Нетанјаху пред домашните и странски бизнисмени во Јерусалим. Неколку дена пред парламентот да гласа за неговата влада, Нетанјаху ги повлече изјавите од предизборната кампања, според кои Палестинците не биле доволно зрели за независност, па затоа ќе им понудел само мир и соработка на економски план.

„Мир - тоа не е последната цел, туку заедничка и долгорочна цел за сите Израелци и за сите израелски влади, па и за мојата. Тоа значи дека и јас ќе преговарам за мир со палестинските автономни власти“, изјави Нетанјаху.

Очигледно ваквата изјава на Нетанјаху е реакција на вчерашната процена на американскиот претсадетел Барак Обама, кој сегашниот статус-кво во израелско-палестинскиот конфлит го смета за неодржлив. Од друга страна меѓутоа израелското воено радио јави дека Нетанјаху и неговиот коалициски партнер и иден министер за надворешни работи, Авигдор Либерман, од десно-екстремистичката партија „Наш дом Израел“, постигнале тајна согласност за продолжување на изградбата на еврејска населба во еден од окупираните региони на Западниот Брег.

Поделба на Западниот Брег

Außenposten israelische Siedlung in Westjordanland
Израелските населби го отежнуваат создавањето на палестинска државаФотографија: AP

Според нивниот план, треба да се изградат околу три илјади нови станбени објекти, продавници и канцеларии меѓу Ерусалим и еврејската населба Маале Адумим, со цел да се затвори коридорот меѓу нив. На тој начин палестинските подрачја на Западниот Брег на реката Јордан ќе бидат поделени на северен и јужен дел, а формирањето на палестинска држава, со источен Јерусалим како главен град, би се отежнало. САД остро ги осуди ваквите планови, потсетувајќи дека Израел пред четири години му ветил на Вашингтон дека нема да ги спроведе.

Портпаролот на палестинскиот претседател, Махмуд Абас, во Рамала изјави дека идната израелска влада мора јасно и изречно да се заложи за „решение за две држави“ и да се посвети на остварување на оваа цел.

Автор: Клеменс Ференкоте/Трајче Тосев

Уредник: Горан Чутаноски