1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нејасниот статус на Тибет

Матијас Белингер19 март 2008

Скоро една недела Тибетанците во Тибет и надвор од него протестираат против кинеската власт. Поддршка за нивните протести од мнозинството Кинези не можат да очекуваат.

https://p.dw.com/p/DQXY
Картата на која игра Кина е време - следниот Далај Лама ќе биде детеФотографија: AP

Дури и противниците на режимот во Пекинг односот меѓу Тибет и Кина го соопштуваат во една реченица: Тибет со векови е дел на Кина. Многумина Тибетанци пак, си ги тријат очите во чудо: дел на Кина? Тие сметаат дека Тибет, до влегувањето на кинеската армија, бил независна држава.

Со векови Тибет бил дел од круната на кинескиот царски дворец. Тибетските владетели постојано носеле подароци во Пекинг со што го признавале кинескиот цар како син на небото. За возврат биле оставани на мира. Кинескиот дворец испраќал претставник во Ласа, но тој ретко се мешал во внатрешните работи на Тибет. Кога други држави вршеле притисок, Ласа дури се повикувала на кинеската власт, како што вели кинелогот од Келн и правник Роберт Хојзер: „За Британците, кои во 19-сеттиот век биле во Индија, било разбирливо дека треба да се разговара со Пекинг кога станувало збор за Тибет. На пример, ако се одвивала трговија со Тибет или требало да се испратат експедиции и за тоа им била потребна дозвола, тогаш не преговарале со Ласа, туку со Пекинг. Значи сметале дека Тибет е дел на Кина„.

Дефинирање на односите

Според модерното меѓународно право, Ласа и Пекинг ги дефинирале своите односи во 1907 година како под-суверенитет, како надворешно-политичко владеење врз инаку суверена држава. По крахот на кинеското царство, Ласа во 1913 година прогласила независност. Тибетските здруженија во егзил и духовниот лидер Далај Лама сега се повикуваат на таа декларација за независност, додека Кина опстојува на тоа дека независен Тибет не бил признаен ниту од Кина, ниту од која и да е друга држава.

Во 1950 година армијата на Мао Це Тунг влегла во Ласа. Окупаторите не наишле на скоро никаков отпор, а тие пак ја оставиле скоро на мира тибетската влада под тогаш се уште младиот Далај Лама. Дури откако Пекинг кон крајот на педесеттите години започнал да ја спроведува неговата политика на „голем скок напред„ и на Тибет, почнал да се појавува отпор.

Едно востание на монасите од 1959 година било задушено и Далај Лама избегал во индиска Дарамсала. Оттогаш постојано се случуваат бунтови против кинеската власт кои исто така постојано се насилно задушувани. Секој настап против Кина беше брутално совладуван, вели Далај Лама: „Состојбата со човековите права е многу лоша. Криминалците во затворите се подобро третирани од политичките затвореници. Надвор од Кина политичките затвореници се подобро третирани од криминалците, но во Кина се случува спротивното„.

Спорен статус

Меѓународно, статусот на Тибет е спорен. Меѓутоа, додека меѓународно-правно ова прашање е нејасно, Тибетанците во најголемиот дел од светот, ја добија битката за јавното мнение. Пред се популарноста на Далај Лама на Тибетанците им обезбеди симпатии на Запад што предизвикува незадоволство во кинеското министерство за надворешни работи, како што вели неговата портпаролка Џијанг Ју: „Тој е политичка фигура и се обидува од името на религијата да ја подели нашата земја. Притоа, не дејствува сам, туку ги застапува сепаратистичките сили. Тоа го одбиваме„.

Тоа што Далај Лама во меѓувреме се откажа од независност и бара само широка автономија, не е доволно за кинеската влада. Таа тврди дека најголемиот број Тибетанци во егзил и натаму бараат независност и тоа врз многу поголема територија од сегашната провинција Тибет. Кина затоа игра на времето по сегашниот Далај Лама. Духовниот водач, според тибетското верување, тогаш повторно ќе се роди како дете. Дарамсала и Пекинг, секој за себе, ќе си именува наследник. Во секој случај, новиот Далај Лама ќе биде дете без никаков меѓународен духовен авторитет.