1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е до извештаите, до „читањето“ е!

Катерина Блажевска23 април 2013

Иако речникот во извештаите на Европската Комисија и Стејт Департментот е различен, целите упатуваат на компатибилност и координираност, оценуваат дел од експертите

https://p.dw.com/p/18L55
Фотографија: picture alliance/dpa

Вонредниот извештај на Европската Комисија и извештајот на Стејт департментот, предизвикаа дилема во јавноста - дали тие навистина се однесуваат на иста држава - Македонија? Првиот констатира прогрес во сите области што се покриени со извештајот на ЕК за напредокот на Македонија. Вториот, низ диоптријата на почитувањето на човекови права, критички ги отслика состојбите во повеќе од десетина области со кои секојдневно се соочени 2 милиони граѓани. Додека извештајот на ЕК беше поздравен и коментиран од Владата како позитивен, за извештајот на Стејт департментот - владее молк.

Стручната јавност не е изненадена од ваквите разлики.

Двата извештаја се како споредба меѓу црн филм (film noir) и научна фантастика, вели поранешниот министер за надворешни работи, Љубомир Фрчкоски.

„Во извештајот на Европската Комисија има една политичка нота, која преку несоодветни оценки за наводниот напредок во сите области, треба да не одржи во политички живот како земја кандидат, барем до јуни. Секој што живее во Македонија, знае, дека не само што нема напредок во клучните области, туку во некои од нив има и забележително назадување, на пример, изразено во сферата на слободата на говорот, партизирањето на администрацијата и влијанието врз судството. Овој политички извештај создава конфузија и ги фрустрира борците за човекови права во земјава. Извештајот на Стејт департментот, пак, покажува поголема објективност и строгост, покатегоричен е во оценката за назадувањето, но и попесимистички во прогнозите ако овој тренд продолжи", воочува Фрчкоски.

Дел аналитичари, кои не сакаат јавно да ги коментираат разликите во оценките на САД и ЕУ, велат дека е многу важно како се „читаат" извештаите.

Prof. Dr. Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Petr Stojanovski

„Ѓаволот се крие во деталите", потсетуваат тие.

Различен речник-исти цели

Владата, која вообичаено се реферира само на позитивните аспекти во традиционално балансираните извештаи на ЕК, овој пат нема ништо супстанцијално позитивно на што јавно би се осврнала - вака го објаснува владиниот молк, Суад Мисини, извршен директор на Центарот за истражување и граѓанско општество.

„Двата извештаја се различни по дикцијата заради различните орудија кои треба да ја погодат познатата цел. Извештајот на Филе треба да го одржи жив до крајот на јуни моментумот на ХЛАД-замаецот, охрабрувајќи ги земјите членки на ЕУ да избоксуваат датум за почеток на преговори. Американскиот извештај навестува заострување на реториката на Вашингтон кон власта, за да го потенцира ставот дека е крајно време да се реши спорот со Грција. И двата извештаја упатуваат на нефункционална демократија, со тоа што европскиот потенцира дека преговорите ќе ја „пеглаат" демократијата, а американскиот го згуснува маневарскиот простор за заобиколување на постигнувањето решение.

Иако речникот на двата извештаи е различен, целите што според нив треба да ги исполнат упатуваат на компатибилност и, сосема веројатно, на координираност. И двата извештаи упатуваат дека времето и трпението на двете страни се ближи кон крајот", оценува Мисини.

Тој додава дека и вонредниот извештај на ЕК, кој беше доживеан како прилично благ, во суштина е критичен, но содржи мноштво позитивни аспекти кои во овој специфицен момент се однесуваат на странични теми и минорни реформи.

Морков и стап

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски потсетува дека извештајот на Стејт Департментот, е глобален, а во неговата подготовка учествуваат американските дипломатски мисии кои ги следат состојбите во државите. Ова поглавје на американската надворешна политика е производ на визионерството на поранешниот претседател на САД и добитник на Нобеловата награда за мир Џими Картер, а филозофски произлегува од „вилсонијанската" црта на американската надворешна политика.

„Годинава е даден еден продлабочен скрининг на состојбата со човековите права во Македонија. Нема да се придружам кон хорот на пророштва дека има влошување на ситуацијата. За жал, Македонија е дел од друштвото на посткомунистички земји каде што општествената и политичката култура произлезена од поранешниот режим се уште не овозможува земјата да изнедри целосно почитување на принципите на владеење на правото. Извештајот на ЕУ е обврска што произлегува од Амстердамскиот договор и се однесува на земјите-кандидати и потенцијални кандидати. Оваа година, заради конјуктурни причини - „стап и морков" за Србија околу Косово, и за Македонија околу името, гледаме и некои полугодишни „надградби" кои го нотираат напредокот на Македонија во областите поврзани со ЕУ. Се разбира, забелешките од двата извештаи треба да си го најдат својот пат до институциите и до проследувачите на состојбите од сферата на европските интеграции и човековите права", вели Боцевски.

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski
Ивица БоцевскиФотографија: DW

Според него, критично за оценка на македонската состојба во однос на ЕУ и НАТО е тоа што препораката за почеток на преговори се уште цврсто стои, а земјата ги исполнува сите политички стандарди за влез во НАТО. Клучно за македонските европски интеграции останува прашањето за името и грчкото вето на сите македонски интеграции. Боцевски на тој план гледа можно засилување на притисокот врз Македонија, во светло на новите настани во Србија и Косово, но имајќи ја предвид политиката на Грција, не очекува какви било помрднувања кои би овозможиле достоинствено решение за Македонија.

Долг список забелешки

Во извештајот на ЕК беше изразена загриженост само за состојбите во медиумите и за фактот дека не имплементиран меѓупартискиот договор од 1 март. Во извештајот на Стејт департментот се нотира неуспехот целосно да се почитува владеењето на правото, непочитувањето на парламентарните процедури, мешањето во судството и медиумите, селективното гонење политичките противници, значителното ниво на корупција, дискриминацијата врз помали етникуми, зголемениот тренд на вадење партиски книшки за вработување во администрација, лустрацијата како средство за пресметка со неистомислениците... Во делот за слободата на медиумите се вели дека е многу мал ограничен бројот на независни медиски гласови кои изразуваат разноликост од ставови без рестрикции, генерално преку интернетот, дека медиумите и понатаму се поделени по политичка и етничка линија, а Владата практикува финансиски притисок со цел да известувањето во медиумите да биде по линија на нејзините политики.