1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не заминуваме од Македонија!

Силвера Падори-Кленке27 јуни 2012

Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЦ) и натаму останува во Македонија, иако се’ поизвесно е дека земјата станува повеќе рамноправен партнер, а помалку цел на германската помош

https://p.dw.com/p/15LbG
Фотографија: DW/S. Padori - Klenke

До пред некоја година кратенката ГТЦ (Германско друштво за техничка  соработка) во Македонија беше асоцијација за германскиот ангажман, симбол за германската помош и за повеќето проекти во водостопанството, земјоделството, енергетиката, туризмот. Веќе втора година како ГТЦ е прераснат во ГИЦ  (Германско друштво за меѓународна сорабтока). Но, неговото присуството во Македонија како да е спласнато. Значи ли ова повлекување од Македонија и намален германски интерес?

„Македонија е држава која се’ вкупно гледано е на добар пат, европски сосед со кој соработката со Германија сигурно треба да се зацврсти. Но, Македонија не е земја во развој и за нас таа е партнер на рамно ниво“, изјави за македонската програма на Дојче веле Ханс-Јирген Берфелц, државен секретар во Министерството за економска соработка и развој и претседател на надзорниот одбор на ГИЦ.

Сменето портфолио

„Ние не заминуваме од Македонија! Во одреден момент, во одредена сфера се достигнува успех во заедничката соработка и таа повеќе не е потребна. Ниту еден проект не е повлечен, туку дел се завршени. И тоа успешно! Портфолиото е променето, зашто на Македонија повеќе не и’ е потребна голема поддршка од надвор“,  дополнува и д-р Бернд Ајзенблетер, претседател на Управниот одбор на ГИЦ. Според него „постигнатото и создадената репутација на ГТЦ, односно сега ГИЦ, треба да се искористи и во иднина“. ГИЦ со своите компетенции како меѓународен сервис може да биде користен и за други интересенти кои нудат поддршка или директно за македонската влада.

Bernd Eisenblätter Vorstandssprecher GIZ
Ниту еден проект не е повлечен, туку дел се завршени. Др. Бернд Ајзенблетер од ГИЦФотографија: DW/S. Padori - Klenke
Hans-Jürgen Beerfeltz
Македонија е рамноправен партнер. Ханс-Јирген БерфелцФотографија: picture-alliance/dpa

„Во Македонија спроведовме релативно многу програми. Едни проекти продолжуват, други сосема се завршени и би кажал дека тоа е нормална состојба која ја имаме во многу земји“, реагира на забелешката за намалениот ангажман  д-р Михаел Клинглер, одговорен од ГИЦ за активностите во Македонија.

Инаку, како што дознавме, во монентов во Македонија ГИЦ финансира осум национални и регионални проекти чија вредност изнесува 16,44 милиони евра. Во тек е програмата за реформите во јавната управа, а со полна пареа се одвива и проектот за биолошката разновидност на Охридското езеро, но и неколку други заеднички зафати во општините. Според д-р Клинглер за Македонија во моментов е исклучително важна програмата за хармонизирањето на даночното право, која стартувала на почетокот на оваа, а ќе трае до средината на наредната година. Целта е да се олесни членството на Македонија во ЕУ со воведувањето на европските барања околу даноците, кои во практика треба да обезбедат рамноправност на земјата во трговијата со членките на Унијата.

Важен е и регионалниот проект за промените на климата по течението на реката Дрим, кој треба да обезбеди подобро справување со поплавите и сушите.Во неговите рамки ГИЦ работи на сопствена програма за изградба на систем за предупредување преку метеоролошки и водомерни станици долж течението на реката Дрим.