1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не можам да се вратам дома“

10 март 2010

И по 11 години од косовската војна, во Македонија се останати 1.630 косовски Роми, со статус бегалци. Нивниот број се намалува, но и натаму е висок и претставува трошок за оние што ги издржуваат - УНХЦР и Црвениот крст.

https://p.dw.com/p/MJD2
Фотографија: Mirsad Camdzic

Веќе 11 години, од бомбардирањето на Србија и Косово во 1999 година, во Македонија живеат поголема група бегалци Роми. Сите изминати години се плашеа да се вратат во своите домови, заради својата и безбедноста на нивните семејства. Во најголем дел живеат во скопската населба Шуто Оризари, во исклучително тешки, субстандардни услови, а за нив сиот овој период се грижат УНХЦР и Црвениот крст. Од овој месец грижата за нив ја презеде Министерството за труд и социјална политика.

Бегалците редовно, секој месец, добиваат пари за живеење, квартално добиваат хигиенски пакети, а повремено ќебиња, душеци, церади и друг вид помош. Парите досега не беа малку - 3.000 денари за возрасен член на семејството и 2.500 за дете, што за ромските семејства со многу деца претставуваше сосема добар извор на приходи. Од овој месец, за косовските Роми грижата ја презеде Министерството за труд и социјална политика кое пресметките ги прави според други критериуми, што кај бегалците предизвика паника, бидејќи во иднина ќе добиваат помалку пари.

„Враќањето зависи од местото од кое сте дојдени“

Од оваа причина дел од нив решија да побараат да се вратат во нивните домови во Косово, иако и натаму таму не се чувствуваат безбедни.

„Има можности за тоа, ама враќањето повеќе зависи од тоа од кое место сте дојдени. Повеќе луѓе се пријавија да се вратат од општина Гнилање, Урошевац, Приштина и сега само чекаат да им се изградат куќите и ќе се вратат. Јас сум од општина каде немаше многу Роми, само четири семејства од моето село“, вели младиот Самет Алиу кој со родителите и двете сестри е побегнат од селото Ѓушица, во општина Витина. Вели дека во Шуто Оризари живеат во куќа под кирија, во две соби со купатило за кои секој месец плаќаат 6.000 денари плус трошоците за струја и вода.

Bilder vom Auffanglager für Roma in Mitrovica, Kosovo
Камп за Роми во Митровица, КосовоФотографија: Christophe Quirion

Исто толку плаќа и 35-годишната Бисерка Красниќи, која со сопругот и четирите деца живее во една соба, без под, на крајот од населбата. На земјата во собата се расфрлани валканите алишта на децата, а во неа нема кревет, маса, или шпорет, освен телевизорот што е ставен на едно столче на средина од собата. И ништо повеќе. Тоа не е ниту субстандард, туку повеќе наликува на напуштена руина. Ситната жена вели дека нема пари ни за храна, ниту за греење, па затоа го продала шпоретот на дрва.

Се снаоѓа кој како може

Многу поинаква е „среќата“ во оваа бегалска несреќа на Сали Круезиу од Ѓаковица кој со сопругата и петте деца живее во селото Трубарево. Тој волонтира во едукативниот центар на Црвениот крст во Шуто Оризари, а веќе не прави планови за враќање дома во Ѓаковица.

„Моментално нема можност да се вратам дома. Не е безбедно. Слушам дека таму се случуваат многу лоши работи. Во мојата куќа живеат други луѓе кои не сакаат да ја напуштат. Моите браќа имаат проблеми со него. Преку УНХЦР се обидувам да ги иселам, за да ја продадам куќата и тука да купам моја куќа“, вели овој млад човек .

Тој поради кревкото здравје не е во можност да бара физичка работа, но затоа наведува дека неговите сонародници се снаоѓаат на најразлични начини за да преживеат.

„Кој како може да се снајде - некој работи приватно, некој собира шишиња по канти, некој по пазари продава., некој работи како механичар, во пералници и тоа“, вели Круезиу.

Roma Siedlung FLASH
Фотографија: N. Osman

Бегалците имаат најчесто проблеми со пари, со домување или со вадење лични документи

Социјалниот работник Иван Киселоски за Дојче веле објаснува дека бегалците добиваат комплетна примарна, а понекогаш и терцијална здравствена заштита (оперативни зафати). Квартално добиваат и средства за хигиена, ќебиња, душеци, церади, но по потреба и апарати за домаќинство.

Roma Frauen tanzen im Roma Lager nahe Pristina, Kosovo
Многу од Ромите живеат во услови далеку под стандардите за здрав развој на една личностФотографија: picture-alliance/ dpa

„Генерално многу од нив живеат во субстандардни услови и далеку под стандардите што се потребни за здрав живот и здрав развој на една личност, без разлика дали станува збор за дете или за возрасен“, вели Киселички.

Психологот Анета Зафировска, пак, се грижи за образованието на децата на овие бегалци. Во моментов, преку нивниот едукативен центар се згрижени 406 деца, од кои 396 редовно го посетуваат образовниот процес во две основни училишта во населбата, како и во средните училишта во Скопје, Куманово и Тетово.

„Возраста на децата што го посетуваат едукативниот центар е од шест до 18 години“, вели Зафировска .

Двајцата наведуваат дека проблемите на бегалците најчесто се од финансиска природа, проблеми со домувањето или со вадењето лични документи.

Според нив, во изминатиот период кај бегалците се регистрирани и случаи на семејно и сексуално насилство, а во тие случаи жртвите, кои собираат храброост и проговоруваат за проблемите, се носат во Центарот за социјални работи или во шелтер-центрите.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска