1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не се руши црквата, туку рејтингот на Жерновски"

Катерина Блажевска8 јуни 2013

Не се знае кога ќе продолжи прекинатата седницата на Советот на општина Центар, но, извесно е дека црквата е симната од „дневен ред", без оглед дали била или не била ставена во него.

https://p.dw.com/p/18m6Z
Фотографија: MIA

Црквата во изградба „Константин и Елена" нема да се руши, но се сруши рејтиногот на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски. Ова е ставот на аналитичарите по вчерашните жестоки протести организирани од граѓанската иницијатива „Веритас", која во некои предлог-одлуки на општина Центар препозна обид за уривање на споменатата црква.

Роза Топузовска Каревска, потпретседател на ЛДП и член на кабинетот на Жерновски, вели дека се изненадени од големата манипулација дека ќе се урива црквата во изградба.

„Никогаш не била планирана таква точка на дневен ред и ова не беше спонтан, туку договорен протест на партиски војници. Ништо од она што е почнато да се гради, а меѓу нив и црквата, нема да се урива. Црквата воопшто не е спомната", вели таа.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека манипулациите се токму во тоа.

„Црквата не е спомната, но одлуката што планираат да ја укинат беше донесена само за да се внесе изградбата на црквата во Деталниот урбанистички план. Со укинување на одлуката, црквата ќе добие статус на доивоградба или на 'тревна површина' за која толку многу се залага Жерновски", велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Документите кои протекоа во јавноста, ги потврдуваат ваквите стравувања на ВМРО-ДПМНЕ. Во нив пишува дека „со предлог-одлука на општина Центар вон сила треба да се стави изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план за подрачјето „Мал ринг" број 07-5020/2 донесена на 28 јуни 2012 година". Урбанисти потврдуваат дека таа одлука била донесена единствено заради изградба на црквата „Константин и Елена".

Mazedonien Proteste im Zentrum von Skopje Kirche
Протести пред општина Центар во СкопјеФотографија: MIA

Непромислен потег

Кој манипулира? Жерновски, ВМРО-ДПМНЕ или МПЦ? На ова прашање никој не сака јавно да одговори. Едни се плашат од анатема од Црквата, други од инспекции, трети велат дека состојбата е матна и треба да помине време да се „разбистри водата". Сепак, зад параванот на анонимноста, својот став го кажуваат и аналитичари и политиколози.

„Црквата 'Константин и Елена' нема да биде срушена, но она што сигурно се урива-е рејтингот на градоначалникот Жерновски. Единствениот опозициски градоначалник, и тоа во општина во која е базирана главнината на проектот 'Скопје 2014', не смееше да дозволи да се случат вакви манипулации, бидејќи се разбира дека тие ќе бидат искористени од политичкиот противник. Ако пак постојат докази дека навистина имал некакви намери за 'ревидирање' на одредена градба, тогаш тоа е целосно непромислен потег, без оглед за каков објект станува збор. Во земја во која две децении ништо не е беше изградено, во свеста на граѓаните само градењето има цена", вели проминентен политиколог.

Според извори во ВМРО-ДПМНЕ, за „градителските намери" на Жерновски зборува и фактот дека тој се откажал од изградба на ветеното улилиште и градинка, за дел од парите за тие проекти да ги пренамени за привремени вработувања во општината.

Според други, не треба да се исклучи и можноста дека целта на овие протести е „дисциплинирање" на Жерновски поради најавената ревизија на „Скопје 2014".

Andrej Zernovski
Градоначалникот на општина Центар, Андреј ЖерновскиФотографија: DW

„Не може да се прејудицира какви наоди ќе даде ревизијата кон крајот на годината. Но, ако политичкиот опонент успее да го претстави нарачателот на ревизијата како неетичен, како уривач на црква, 'талибанец', како градоначалник кој не гради, туку сака да руши, очекува дека таа новосоздадена слика за него ќе ги 'покрие' или ќе ги анулира евентуално лошите наоди од ревизијата. Ова е еден вид превентива, пресретнување на таква состојба, метод кој во политичките пресметки често се користи“, оценува аналитичар.

Според Топузовска Каревска, постојат два можни мотиви. „Или на некој му пречи работата на Жерновски и неговата најава за ревизија или сакаат да ја дефокусираат јавноста од нерешавањето на суштинските проблеми-спорот за името и епилогот од јунскиот самит на ЕУ", се сомнева таа.

Седницата прекината

Советот на општина Центар вчеравечер ја прекина седницата, откако по осум часа не се создадоа услови за работа на советниците поради вревата што ја предизвикаа демонстрантите со скандирање и тропање по прозорците. Во неможноста за работа на советниците, вчера се уверија холандската амбасадорка Мариет Шурман, италијанскиот амбасадор Фабио Кристијани и амбасадорот на ОБСЕ, Ралф Брет, кои попладнето се сретнаа со градоначалникот Жерновски. Тој им објаснил дека граѓаните се изманипулирани, бидејќи на дневниот ред воопшто нема точка за уривање на каков било објект. Притоа ги известил и дека полицијата навреме била известена дека се најавуваат поголеми протести и дека се можни инциденти, нo дека не презела соодветни мерки тоа да се спречи.

На граѓаните кои протестираа поддршка им даде владиката Агатангел.
„Апелираме Жерновски да престане да атакува врз црквата, бидејќи тоа го направи и пред неколку години, кога ја даде црквата на Уставен суд, по што беше укината веронауката во училиштата. Годинава, кога светот слави 1.700 години од Миланскиот едикт и од ослободувањето на христијанството, во 21 век во Македонија еден господин сака да урива црква. Тоа никој нема да му го дозволи", изјави владиката Агатангел.

Претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ, вчера се обиде да им објасни на демонстрантите дека објектите што веќе се градат се легални и дека нема да се стопираат ниту уриваат. „Општината ќе ги запре само градежните маркички на кои се' уште не е почната изградба", објаснуваше вчера Шиповиќ, но никој во толпата немаше намера да го сослуша.

Засега не се знае кога ќе продолжи седницата на Советот на општина Центар. Но, извесно е дека црквата е симната од „дневен ред", без оглед дали била или не била ставена во него.