1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ние сме како хамбургер“

26 октомври 2010

Турците се трети по бројот на население, веднаш зад Македонците и Албанците. Експертите предупредуваат на тивката асимилиација на околу 20 илјади Турци. Како живее етничката заедница која се чувствува како во сендвич?

https://p.dw.com/p/PoCN
СкопјеФотографија: DW

„Докторирав во Истанбул, на познатиот Мармара универзитет, на тема ’Отоманството и исламот како цивилизација и филозофија’.“

Ова го вели Арач Нуман, Турчин, научен истражувач во МАНУ, татко на три деца. Потекнува од еснафско семејство на високообразовани кадри во Гостивар и секојдневно патува до метрополата и истражувачкиот центар на македонската академија. Тој беше еден од главните организатори на големата научна дебата за Исламската цивилизација на Балканот, со учество на преку 50-тина врвни научни истражувачи од Европа.

Д-р Нуман, предупредува на тивката асимилиација на околу 20 илјади Турци, кои како муслимани се присвојуваат или принудуваат, со економски мерки на притисок, да се декларираат и регистрираат како Албанци или како исламизирани Македонци.

„Ние сме како еден хамбургер, сендвич меѓу Македонците и Албанците и нивниот отворен или прикриен етнички ривалитет“, вели д-р Нуман.

„Како ќе бидат впишани моите три деца?“

Тој посочува на недоследностите на следниот македонски попис и се прашува каде и како ќе се регистрираат илјадници семејства кои дома зборуваат турски, а надвор се декларираат како Албанци или исламизирани Македонци. „Како ќе бидат впишани моите три деца?“, прашува Нуман.

Mazedonien Land und Leute Flagge
Во Македонија има околу 3,6 насто Турци, или околу 78 илјадиФотографија: Petr Stojanovski

Потребата од национална самоидентификација е се‘ понагласена кај турската етничка заедница во Македонија. Поминува фазата на културно-образовна и јазична интеграција на Турците како лојални и чаршиски луѓе, кои одлично го говорат и без предрасуди го користат македонскиот јазик, во кој се одомаќиниле многу т.н. турцизми од петвековното присуство на Отоманската империја.

„Во Македонија, како раскрсница на исламот, нема еден институт или центар за изучување на исламската филозофија, но нема ниту центар за изучување на христијанството и неговата кохабитација со другите религии, што е главна карактеристика на мултиконфесионалноста на Балканот“, оценува за д-р Нуман.

„Турската етничка заедница не може да се реализира во нејзината сеопфатност“

На неодамнешната средба во МАНУ и дебатата околу исламската цивилизација во Европа, во дијалог беа Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и Илхами Емин, познат македонски поет, со богат писателски опус на македонски јазик, но не помалку афирмиран и во Турција, каде делата му се печатат на неговиот мајчин јазик.

„Му реков на шефот на државата дека поради притисокот врз Турците да се изјаснуваат како Албанци или да ги користат нивните национални привилегии, но и поради оптовареноста на Македонците со албанофобијата, турската етничка заедница не може да се реализира во нејзината сеопфатност“, вели Илхами Емин.

Тој по пет децении авторство на десетици книги поезија и проза, дури на крајот од месецов (октомври 2010), ќе дочека во Македонија да се отпечати негово дело на турски јазик. Емин потсетува дека е згаснат дневниот весник на турски јазик „Бирлик“, дека нема ниту една издавачка куќа за овој јазик и литературата што ја создаваат писателите во Македонија.

Витален и енергичен, со своите приближно 80 години и со бројни лични пријатели меѓу македонските инетелктуалци, Емин предупредува дека турската заедница недоволно се користи како културно-образовен и економски мост со официјална Анкара, за која пак, периодот на Отоманството и неговата цивилизација стануваат нова европска доктрина која се‘ повеќе се пласира и како турски приоритет во надворешната политика.

Расцепканост на етничката заедница

Турската заедница во Македонија има на располагање ТВ-програма на својот јазик, младите одат и во училишта на турски јазик, имаат неколку партии и постојано се дел од владеачките коалиции, но главно со по еден министер или еден до двајца пратеници во парламентот. Токму нивната расцепканост, а не етничка хомогенизација, им пречи да имаат и 7-8 пратенци, ако се има предвид бројноста на нивниот електорат. Затоа и Партијата на Турците во Македонија беше иницијатор да се гарантираат 10 пратенички места, од кои 4 за Турците, врз основа на таканаречените етнички квоти и во конкуренција на партиите што ја претставуваат оваа малцинска група.

Tastatur Türkisch Türkei Türkentaste Türkischtaste Taste rot Mond halbmond stern fahne flagge
Емин предупредува дека турската заедница недоволно се користи како културно-образовен и економски мост со официјална АнкараФотографија: kebox - Fotolia.com

Турците се трети по бројот на население, веднаш зад Македонците и Албанците, но до големиот емигрантски бран на заминување во Турција, кон средината на педесеттите години од минатиот век, нивниот број беше речиси ист со Албанците. Сега има околу 3,6 насто Турци, или околу 78 илјади, разместени главно во источниот дел на земјата и полошко.

„Турската заедница во Македонија се најде во дискриминирачка позиција по Рамковниот договор и сега е во сенка на постојаниот ривалитет на Албанците и Македонците“, вели новинарот Ердем Ахмет од МРТВ.

Во сенка

Турците одвај се вработуваат во државната и јавната администрација и на централно ниво ги има околу 1,2 насто. Нешто повеќе, околу 2 проценти, се вработени во општинските управи. Ни девет години по Рамковниот нема подобрување, напротив, забележани се и случаи на вработување на Албанците на местата од квотите за турската заедница, посочуваат соговорниците на ДВ. Новинарот Ахмет посочува и на слабата опфатеност на Турците во образовниот процес, со што со Ромите претставуваат најзапоставена целна група, особено во неразвиените рурални места.

Тој, сепак, е задоволен од квалитетот на уметноста, особено на театарската, со постоењето на актери кои глумат на својот мајчин јазик. Но, и тука има недоследност:

„Театарот на турската драма долго време е под покрив на албанската драма, но се надевам дека наскоро ќе биде изграден и за Турците во Македонија“, вели Ахмет.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска