1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николиќ во Македонија

ЕМФ/миа/макфакс/бета26 октомври 2012

Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска и утре (26/27.10) престојува во официјална посета на Македонија. Тој на неколку дена пред доаѓањето внесе раздвижување во црковниот спор меѓу МПЦ и СПЦ.

https://p.dw.com/p/16XP6
Фотографија: Reuters

Српскиот претседател Томислав Николиќ ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што, меѓу другото, е предвидена тет-а-тет средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов и заедничка прес-конференција на двајцата претседатели. Утре Николиќ ќе посети три српски семејства во валандовското село Сретеново.

Српскиот претседател на неколку дена пред доаѓањето во Македонија донесе раздвижување во редовите на Македонската православна црква и Српската православна црква со својата изјава дека црковниот проблем може да се реши. Тој во интервју за телевизијата Сител и весникот Вечер изјави:

„Отворените разговори на двете држави можат да влијаат да се дојде до најбезболното решение на проблемот меѓу двете цркви. Јас предлагам да седнеме да разговараме: Каков е односот на Македонија кон Српската православна црква и каков е односот на Српската православна црква кон Македонија, за тоа што е Македонската православна црква и како може да го постигне она што го сака. Јас ви велам дека можам сето тоа да го завршам, ако сакаат да разговараат со мене и да ја ’спуштат топката’, а ако не сакаат, тогаш тој проблем никогаш нема да биде решен“, рече српскиот претседател.

Тој уште нагласи: „Македонија не умееше да го реши тој проблем, можеби немала соговорник во Србија. Денес има соговорник во Србија со кој тој проблем може да го реши и тој соговорник сум јас. Доволно ја почитувам Српската православна црква и доволно ме почитуваат луѓето во Српската православна црква за да можеме тој проблем да го решиме.“

Bischof Timotej Mazedonien Orthodoxe Kirche
Владиката Тимотеј од МПЦФотографија: DW

Со ваквите изјави, според митрополитот Дебарско-кичевски господин Тимотеј, српскиот претседател ги демантира изминатите 45 години: „Соборот, Синодот и портпаролите на СПЦ постојано изјавуваа дека тоа е строго црковно прашање и нема место за надворешни фактори и сега одеднаш тоа не е црковно, туку е државно, односно политичко прашање“, посочи г. Тимотеј. Toj за агенцијата Бета пред неколку дена нагласи дека повикот на Николиќ за решение на спорот е „позитивен“, но условот кој српскиот претседател за тоа го поставува - ослободување на Јован Вранишковски - не е црковно, туку државно прашање. Според Тимотеј, Македонската православна црква прифаќа дијалог за црковни прашања, додека сите останати прашања мора да се решаваат на државно ниво.