1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николиќ најави протести и можно повлекување од претседателската трка

ЖА/АМ/миа/бета12 мај 2012

Томислав Николиќ, лидерот на Српската напредна партија, најави дека од утре партијата ќе започне со организирање протести ширум Србија поради, како што рече, „изборна кражба“.

https://p.dw.com/p/14uNd
Фотографија: Reuters

Николиќ најави дека в среда ќе биде одржан „голем мирен протест“ и во Белград.

„Протестот мора да биде мирен и да донесе резултат, но резултатот нема да биде победа, ако тоа се заврши со дивеење“, рече Николиќ.

Тој нагласи дека не ги признава резултатите од изборите од 6-ти мај и ги смета за незаконски, повторувајќи дека на нив бил извршен изборен фалсификат.

Николиќ рече дека е „се‘ поблиску до одлуката“ воопшто да не учествува во вториот изборен круг, бидејќи, како што рече, со учеството би „и‘ дал легитимитет на изборната кражба“.

Најавата на Николиќ следи по одлуката на српската Републичка изборна комисија да ги отфрли проговорите на СНС за изборнен фалсификат и за кражба на гласови. СНС тврди дека одредено количество гласачки ливчиња биле заменети со претходно подготвени ливчиња на кои биле заокружени кандидатите на коалицијата предводена од владејачката Демократска партија (ДС).

Според анкетата на агенцијата „Ипсос Стратеџик Маркетинг“, спроведена во четвртокот, во вториот круг од претседателските избори во Србија, закажан за 20-ти мај, околу 58 отсто од граѓаните ќе се изјаснат за донеодамнешниот српски претседател Борис Тадиќ, а околу 42 проценти за Томислав Николиќ.