1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николовски се надева на олимписки настап

Златко Калински31 март 2012

Атанас Николовски со години е перјаницата на македонскиот кајак на диви води. Спорт со долга традиција во Македонија, многу популарен и низ децениите наназад со имиња респектирани во светот.

https://p.dw.com/p/14S5A
Атанас НиколовскиФотографија: Zlatko Kalinski

Блесна на Светското првенство кога го освои 7-то место. Малата грешка го оневозможи да биде медалист. Атанас Николовски денес е еден од најдобрите македонски спортисти во поединечните спортови. Олимписки кандидат. Мечтае за пат во Лондон. Штотуку се врати од Словенија. На патеката Тацен беше на отворањето на кајак сезоната во Европа. Го освои 5-то место.

„Тоа беше натпревар со кој беше отворена сезоната во Европа. Прва трка на водите на Соча во Љубљана. Можам да кажам дека настапот беше добар, иако по првото возење бев трет, трката на крај ја завршив на 5-то место. Задоволен сум од тоа како течат подготовките и каков беше мојот настап на отворањето на сезоната.“

Николовски, инаку пред 10-тина дена ги заврши зимските 40-дневни подготовки во Австралија.

„На подготовки бевме во Сиднеј на олимписката патека. Јас бев заедно со хрватската и со словенечката репрезентација. Словенците имаат исклучително силен состав, работев со Петер Каузер, кој е двоен светски и европски првак. Изработивме 40 дена и на вода, но и во теретана.“

Kajak Wildwasser
Фотографија: AP

Наредниот тест е ИКАС

Следниот викенд се соочува со предизвикот на водите на Треска. На програмата е традиционалниот македонски ИКАС. Ако дојдат и Словенците, Николовски очекува добра трка.

„Се уште очекуваме потврда на словенечката репрезентација. Утре ќе ни јават дали доаѓаат или не. Ако дојдат, трката ќе биде посилна за 13-тина квалитетни натпреварувачи, а меѓу нив можеби и актуелниот светски првак Каузер. Репрезентациите на земјите од опкружувањето веќе го потврдија својот настап. Се надевам на трка на високо ниво.“

Николовски ги истакнува условите, кои годинава ги имаат кајакарите на патеката на Матка.

„Патеката на Матка е подготвена. Секојдневно имаме вода на патеката по два часа во денот. Не може а да не бидеме задоволни, кога насекаде водите се мали и треба да се истакне дека луѓето од ЕЛЕМ ни излегуваат во пресрет. Тоа значи и наша добра подготвеност.“

Matka bei Skopje Wildwasser Kajakstrecke
Патеката кај МаткаФотографија: Zlatko Kalinski

На олимпискиот Аугзбург за олимпискиот Лондон

Тренира секојдневно,работи напорно, ја гради формата за Европското првенство во Германија, кое истовремено ќе е квалификационо и за Олимписките игри. Атанас Николовски целосно е посветен на една од најважните трки во кариерата.

„На 11-ти и 13-ти мај во Аугзбург, на олимписката патека од Минхен од 1972-та година, ќе се одржи Европското првенство, кое е последен филтер за учество на Олимписките игри. Има уште две места за Европа, за кои ќе се борат 7 нации. Тоа значи исклучително тежок натпревар. Се надевам дека со смирено возење, со психолошка растовареност, ќе ја остварам целта.“