1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц:„Успех ќе биде кога ќе се постигне договор“

22 јануари 2008

Медијаторот на ОН во спорот околу името, Метју Нимиц денеска (22.01.2008) разговараше со македонскиот претседател, Бранко Црвенковски. Нимиц тврди дека нема крајни рокови за постигнување решение за проблемот со името.

https://p.dw.com/p/CvrX
По разговорите во Охрид - Димитров, Василакис и НимицФотографија: MIA

Предложената, од македонска страна, Декларација за пријателство и добрососедство, може да биде дел од пакетот решенија за доверба, смета посредникот на ОН во спорот околу името, Метју Нимиц. Тој по разговорите со македонскиот претседател, Бранко Црвенковски, во Скопје, изјави дека со Декларацијата (со која Македонија го реафирмира ставот дека територијални претензии кон Грција и во која предлага основање заедничка образовна комисија во која ќе се разменуваат мислења за историските факти што се сметаат за проблематични) власта во Скопје демонстрира не само коректен, туку и поблизок однос меѓу соседите.

Кој каде попушта?

За разлика од позитивните оценки на Нимиц, грчкиот преговарач Адемантиос Василакис уште вчера во Охрид се огради од предложената Декларација. За Атина и по средбата во Охрид, името е централна тема на преговорите. За конечно решение нема крајни рокови, повтори Нимиц денеска во Скопје. Посредникот на ОН изјави дека има некои надворешни реалности, како што е НАТО процесот, а кои имаат влијание врз преговорите, но дека крајни рокови за постигнување договор не се дадени. Наспроти Нимиц, грчкиот преговарач Василакис е за забрзано темпо, зашто според владата во Атина, името станува критериум за НАТО. Македонија смета дека спорот околу името е билатерален, а Грција изјавува дека е тоа интернационално прашање што навлегува во безбедноста и мирот во регионот, во добрососедството и кохабитацијата. Владата во Атина вели дека направила џиновски чекор на добра волја кога прифаќа сложено име, што значи покрај Македонија да стои географска одредница – северна, горна, вардарска. За властите во Скопје и таков предлог и компромис може да биде прифатлив, но единствено доколку само Грција така ја ословува Македонија, а во меѓународната заедница остане нејзиното уставно име. Амбасадорот на Македонија во преговорите, Никола Димитров ја оспори изјавата на Василакис дека и Грција наводно направила џиновски чекор, штом попуштила во идното сложено и компликувано име да постои зборот Македонија. Тој реплицираше дека тоа досега го имаше и во ФИРОМ, а во 2005 година владата во Атина предлагаше формулација „Република Македонија – Скопје„ и дека тука нема спектакуларен потег на Грција.

Груевски во Брисел ќе реферира и за преговорите

За две до три недели, во Грција треба да има нова средба на тројката Нимиц – Василакис – Димитров. Власта во Скопје бара консензус околу проблемот, а опозицијата предупредува дека е потребно внимателно да се читаат пораките од Брисел, вклучувајќи го и последниот извештај на европратеникот, Ерик Мејер. Со резултатите од разговорите за името, што вчера се одржаа во Охрид, утре (23.01.2008) во Брисел патува македонскиот премиер, Никола Груевски, каде ќе реферира за евро-атлантските постигнувања на државата.