1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц има нови идеи, но не ги открива јавно

ЖА/ЕА/миа10 април 2013

Посредникот на ОН Метју Нимиц по средбата со претставниците на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис околу разликите за името, најави следна средба набргу, можеби уште во мај.

https://p.dw.com/p/18Cnn
Фотографија: MIA

Амбасадорот Метју Нимиц по вчерашна (09.04) средба во Њујорк изјави дека на претставниците на Македонија и на Грција во разговорите за спорот за името им изнесол нови идеи и размислувања, кои очекува двете земји сериозно да ги разгледаат.

„Се сретнавме денес на иницијатива на генералниот секретар на ОН да се обидеме да го разрешиме ова прашање. Имавме дискусија и на двете страни од моја страна им претставив нови идеи кои амбасадорите Јолевски и Василакис ќе ги пренесат на нивните влади, кои се надевам внимателно ќе ги разгледаат. Навистина се надевам дека двете страни ќе најдат позитивни елементи во овој предлог и дека ќе се постави патот за сериозни дискусии, и да се надеваме за решение. Ќе се сретнеме повторно, во регионот или тука во Њујорк. Покрај овие средби, имаме интензивна комуникација, некогаш лично, некогаш во Европа, некогаш телефонски. Добив многу реакции по последната рунда разговори, и се обидувам да ги рафинирам идеите“, изјави амбасадорот Нимиц по едно и пол часовната заедничка средба со македонскиот амбасадор Зоран Јолевски и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис во просториите на Советот за безбедност во Обединетите нации во Њујорк.

Нимиц потенцираше дека Џефри Фелтман, заменикот генерален секретар на Обединетите нации за политички прашања, за првпат дошол на разговорите.

„Не‘ посети потсекретарот Џефри Фелтман, кој зборуваше за неговото гледање на прашањето, и воедно дојде за да ги увери сите учесници дека генералниот секретар Бан Ки-мун лично е многу заинтересиран за ова прашање, и навистина се надева дека решение ќе се најде“, изјави Нимиц.

Во врска со интересот на европските држави за спорот меѓу Македонија и Грција, во пресрет на очекуваното отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската унија, Нимиц потврди дека тој е голем.

„Може да се каже дека многу земји се заинтересирани за овие разговори. Јас добивам прашања од претставници на држави-членки, и разговарам со нив. Секако, повеќе европски држави се многу заинтересирани, потоа САД се заинтересирани, а повремено и држави од други делови на светот. Ова е многу важно регионално прашање, европско прашање и носи последици“, изјави Нимиц.

„Додека не изнајдеме решение, значи дека не сме нашле решение“, одговори Нимиц на прашањето дали двете страни се оддалечуваат од постигнувањето на решение за спорот.

Нимиц соопшти дека следната средба може да се очекува по околу два месеца, без да прецизира дали тоа би биле разговори во Њујорк или негова посета на Македонија и на Грција.

Грчкиот посредник Василакис, по прес-конференцијата, најави дека следната средба може да се очекува по 5 мај, а како можна локација го навел и Брисел.