1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц повторно на потег

ЖА/миа25 септември 2012

Македонскиот претседател Иванов и министерот за надворешни Никола Попоски во Њујорк треба да имаат средба со генералниот секретар на ОН, по што посредувачот Нимиц треба да процени-ќе има ли нова рунда разговори.

https://p.dw.com/p/16DZv
Фотографија: picture-alliance/dpa

На 67. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк вчера се одржа средба на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски со неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос.

Од македонската делегација средбата, која е прва меѓу двајцата министри, ја опишуваат како можност за нивно запознавање. Македонската страна настапила со барање за почитување на Времената спогодба и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој пресуди дека Грција не смее да ги блокира македонските интеграции.

Грчкиот министер не дал обврски по ова прашање, наместо тоа од Македонија барал почитување на грчките чувства поврзани со нивната историја.

Аврамопулос воедно сакал да ја претстави Грција како конструктивна страна, која е подготвена да се надмине спорот, и која веќе направила отстапки во однос на употребата на името Македонија. На ова, министерот Попоски одговорил дека мора да се почитуваат и основните човекови права на Македонците, кои имаат право на слободно определување.

Двајцата министри во разговорот се согласиле дека повеќе од 20 години од почнувањето на спорот, односите се значително сменети. Аврамопулос се согласил дека веќе не е валиден првичниот грчки став, дека Република Македонија претставува закана за стабилноста на Балканот и дека има територијални претензии кон Грција.

Властите во Атина во меѓувреме ги демантираа информациите во македонските медиуми, според кои, шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос на средбата со македонскиот колега Никола Попоски изнел мислење дека Македонија нема територијални претензии кон Грција.
„Ова е неточно и вакво гледиште никогаш не беше изнесено. На состанокот меѓу
двајцата министри, што се одржа на барање од министерот за надворешни работи на ПЈР Македонија, и што беше од запознавачка природа, присуствуваа
претставници на високо ниво од двете страни и таква изјава не беше дадена.
Ова најверојатно е добропознатата тактика на Скопје да креира сензации за домашна употреба, што ја потврдува оценката дека не покажуваат искрени желби и намери да се најде решение“, вели Григорис Делавекурас, портпарол на грчкото МНР.
Според Делавекурас, Аврамопулос рекол дека национализмот и популизмот може да донесат привремена политичка добивка, но секогаш водат кон конфликт и катастрофа.

Генералното собрание на ОН е прво по пресудата на највисокиот суд на ОН во полза на Македонија, а средбите во Њујорк доаѓаат по неодамнешната посета на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун на Македонија.

Аврамопулос, кој е шеф на грчката делегација во Обединетите нации, вчера во Њујорк имаше средба со Бан Ки Мун, како и со посредникот во спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц. Аврамопулос за грчките медиуми во САД најави дека на овие средби ја претставил Грција како конструктивна страна во спорот за името и дека Македонија е виновна поради тоа што разговорите не одат во саканата насока и притоа од Македонија бара почитување на историјата на Грција. Аврамопулос најави дека Македонија и статусот на поделениот остров Кипар се главни теми на неговите средба во ОН.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов утре има средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун. Претседателот Иванов своето обраќање на Обединетите нации ќе го има в четврток.