1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц: Со добра волја на двете страни можно е решение за неколку месеци

СН/АТ/миа4 ноември 2012

Посредникот на ОН во македонско-грчките разговори за името Метју Нимиц и натаму верува дека ако се направи обид на лидерствата во Скопје и во Атина и ако се покаже добра волја, може да се дојде до решение за името.

https://p.dw.com/p/16cZC
Фотографија: MIA

„Мојата намера е да продолжам да работам на ова прашање, и со помошта на обете страни се надевам дека за наредните неколку месеци, ќе видиме решение на овој проблем“, вели медијаторот за спорот за името Метју Нимиц во интервју за Гласот на народот на ТВ Сонце и за Е-вести.

Прашан за случувањата во последниот период и дали грчкиот предлог меморандум значат загревање на односите меѓу двете страни и дека има поволна политичка клима, Нимиц вели дека во оваа фаза не е најдобро да дава конкретни оценки туку ќе сочека да види како ќе се развиваат работите.

За тоа дали може да се дојде до решение без да се посегне по македонскиот идентитет, Нимиц истакнува дека секогаш верувал оти постои решение што се поистоветува со достоинството и идентитетот на народот и кога не би верувал во тоа, тогаш не би се ангажирал како медијатор.
„Целта е да се најде решение што ќе ги задоволи аспирациите на вашиот народ, достоинствено решение со кое што се зачувува идентитетот додека во истовреме, ја задоволува и другата страна во смисла на нивните барања. Ние, веќе подолго време бараме решение, кое се’ уште не е најдено. Јас сум вклучен во ова веќе подолго време преку Владата на САД и преку ОН, и би бил неискрен ако не кажам дека може да се изнајде решение, што би значело дека обете страни ќе бидат конечно задоволни. Морам да ја пофалам вашата посветеност да ја разберете другата страна и да постигнете нешто што е прифатливо за вашиот народ“, вели Нимиц.

На забелешката дека не се почитува и спроведува пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, правно тело на ООН, кои и него го наименува како посредник во спорот за името, Нимиц одговара: „Секоја одлука на Судот посебно на Меѓународниот суд на правда треба да биде земена сериозно. И затоа јас не ја ислучувам. Процесот на медијаторство меѓу двете страни според резолуциите на ООН, и според привремената спогодба е билатерален разговор со кој се бара политичко решение. И се разбира дека треба да се обрне внимание на одлуката на судот. Но, ние сепак треба да најдеме решение што е потребно за двете страни ако сакаме да го решиме овој проблем, во оваа форма во која се обидуваме да го решиме".

За неговата улога како медијатор во според некои оценки нерешлив спор, Нимиц посочува дека работата на посредникот е да ги слушне внимателно двете страни и да одржува односи со двете страни, да се обиде да претстави некои идеи што би помогнале во раздвижување на спорот.
„Тоа е се’ што еден човек би можел да направи и мислам дека зависи од двете страни ако тие мислат дека некој друг метод би бил подобар или пак меѓународната заедница. Постојат многу, многу спорови во светот на кои им се наоѓа решение и понекогаш тоа зема неколку години. Но, важно е тоа што треба да се има лидерство во двете земји кое што ќе се фокусира на ова и да гледа на своите национални интереси... Јас не велам дека вашето политичко раководство не треба да се грижи за вашите национални интереси, но исто така да се потруди да види дали ова може да се реши“, наведува посредникот на ОН во македонско-грчките разговори за прашањето за името Метју Нимиц во интервју за Гласот на народот на ТВ Сонце и за Е-вести.