1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниту 20 години по Договорот од Осло, мирот не е на повидок

Кејт Шатлворт/Б. Георгиевски15 септември 2013

Иако сите очи деновиве се свртени кон Сирија, клучната точка на судир на Блискиот исток и натаму останува израелско-палестинскиот конфликт. 20 години по Договорот од Осло, мирот е се‘ уште далеку.

https://p.dw.com/p/19h8u
Фотографија: AFP/Getty Images

Денес 70-годишниот Махди Абдул Хади лично присуствувал на потпишувањето на Договорот од Осло. Стоел на тревникот пред Белата Куќа во Вашингтон додека претседателот на Палестинската ослободителна организација Јасер Арафат и тогашниот израелски премиер Јицак Рабин го потпишуваа договорот.

Запрашан денес, што донесе овој договор, неговиот одговор е неодреден.

„Промена е тежок збор, но ништо не е како што беше. Осло беше шанса, но несреќа е што тој никогаш не беше имплементиран“.

Денес, вели Хади, не постои повеќе решението 'две држави', напротив повеќе се оди кон една држава, односно некоја форма на апартхејд. „Нема повеќе мировни преговори, само менаџирање на конфликтот под чадорот на наводни мировни разговори“, вели тој.

Договор во тајност

Договорот меѓу Израелците и Палестинците беше постигнат на 20 август 1993 година во норвешкиот главен град. Најголемиот дел од преговорите беа водени во тајност во еден хотел во Париз. Договорот беше обид да се дојде до решение за израелско-палестинскиот конфликт. Тоа беше првиот договор лице в лице на претставници на Израел и на ПЛО. Со договорот беа поставени темелите за формирањето на палестинската самоуправа, која ќе биде надлежна за управување со територијата под нејзина контрола. Договорот исто така предвидуваше и повлекување на израелската армија од делови на Појасот Газа и Западниот Брег. Договорот требаше да биде во сила пет години, додека се најде трајно решение за прашањето на Ерусалим, палестинските бегалци, израелските доселенички населби, безбедноста и границите. Тоа никогаш не се случи.

Месецов, американскиот државен секретар Џон Кери се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас во обид да ги обнови преговорите за мировно решение. Во исто време во Ерусалим две млади политичарки ги спротивставија своите ставови за патот натаму.

Членката на конзервативната Ликуд партија и заменик-министер за транспорт во израелската влада, Ципи Хотовели смета дека единствено решение е една држава, иако нејзините ставови не ги делат и во владата.

Про и контра

„Бев студент во Тел Авив кога автобусите експлодираа речиси секој ден. За време на постигнувањето на Договорот во Осло сите бевме преплашени да влеземе во автобус“, вели таа, опишувајќи ги 1.400. цивили кои загинаа во бомбашки напади на Палестинците, како жртви на „мирот“.

„Договорот од Осло беше поставен на погрешни претпоставки, а по него следуваше најлошото време на терор во Израел. Мислам дека денес сите во Израел се обидуваат да ги исправат грешките од тој договор“, смета Хотовели.

Bildergalerie 20 Jahre Friedensprozess Israel USA Palästina
Последни подготовки пред потпишувањето на договорот во ВашингтонФотографија: Getty Images

Од друга страна, пратеничката на Лабуристичката партија Хилик Бар смета дека решението „две држави“ останува единствена опција.

„Договорот од Осло беше и добар и лош за конфликтот. Лош од аспект на тоа што за малку не постигнавме мир со Палестинците. Тој придонесе за зголемување на недовербата. Од друга страна беше и добар затоа што не‘ натера сите да сфатиме и да прифатиме дека и Палестинците живеат во Израел и дека и ним им е потребно решение“, вели Бар.

И колумнистот Шмуел Роснер признава дека нема консензус околу тоа дали договорот пропаднал, дали им го посочил патот на следните генерации или пак бил само една голема измама.