1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо без мито

26 март 2010

Германски „Дајмлер“ беше обвинет во САД за прекршување на антикоруптивните закони. Тоа делумно се должи и на фактот што германските компании немаат доволна поддршка од владата, кога склучуваат зделки во странство.

https://p.dw.com/p/MeEa
Фотографија: Bilderbox

Според „Амнести интернешнл“, Германија е меѓу дваесетте најуспешни земји, кога е во прашање борбата против корупцијата во земјата и странство. Меѓутоа, според информации на американското министерство за правда, германскиот авто-производител „Дајмлер“ од 1998 до 2008 година бил замешан во случаи на подмитување на странски дипломати, за да добие профитабилни договори. Кинезите добивале скапи подароци и луксузни одмори, владини претставници во Туркменистан, пак, добиле „Мерцедес бенц“ вреден триста илјади евра. Во меѓувреме, „Дајмлер“ се обидува да издејствува вонсудско решение на проблемот, нудејќи се да исплати 185 милиони долари оштета.

Мала дипломатска поддршка

DaimlerCrysler eröffnet Fabrik in China
Тешка борба за германските компанииФотографија: AP

Кристоф Штирмер работел во „Дајмлер“ од 1996 до 2002 година и сега е експерт за автомобилската индустрија во организацијата за економски истражувања „Глобал инсајт“. Тој вели дека никогаш не бил сведок на подмитувања од страна на „Дајмлер“, меѓутоа нагласува дека компанијата добива многу мала дипломатска поддршка од германската влада.

„Сум учествувал во многу преговори со земји од Централна Азија и можам да кажам дека потребата од политичка поддршка и подмитување на политичката машинерија беше очигледна. Ништо не може да се постигне, без да ги придобиете луѓето од власта на своја страна.“

Штирмер вели дека компаниите од другите држави, како на пример САД, располагаат со многу поголема поддршка од своите влади, кога склучуваат зделки во странство. За разлика од нив, Германија зазема неутрален став, препуштајќи им на претпријатијата сами да одлучат како ќе го прошират својот бизнис на странските пазари. А подмитувањето најчесто е најлесното решение.

„Тоа е тешка борба за германските компании. Или нема да се вклучат во играта и нема да го одбранат своето место на глобалниот пазар, или ќе мора да ги заобиколат правилата и законите.“

Двојни стандарди во германскиот парламент

Deutschland DaimlerChrysler Hauptversammlung Trennung von Daimler und Chrysler rückt näher
Извештајот се однесува до 2008 година, кога „Крајслер“ се оддели од „Дајмлер“Фотографија: picture-alliance/ dpa

Иако Германија е една од најуспешните земји во справувањето со корупцијата, се` уште недостасува една работа - земјата не ја ратификувала Конвенцијата на ОН против корупција. За да го стори тоа, ќе биде потребно да се смени законот и да им се забрани на парламентарците да се вмешуваат во случаи на корупција, вели Кристијан Хумборг од „Амнести интернешнл“.

„Пратениците мора да сменат закон, што директно ги засега. Тие одбиваат да го сторат тоа, иако ’Амнести интернешнл’ одамна врши притисок врз нив да го сторат овој чекор. Од една страна, велат дека се против корупцијата, а од друга страна не ја ратификуваат Конвенцијата.“

Хумборг од „Амнести интернешнл“ вели дека Германија засега не отворила судска постапка против „Дајмлер“ поради случаи на корупција, меѓутоа може да го искористи извештајот на американското министерство за правда за да отвори сопствена истрага. Претставници на американската влада и на „Дајмлер“ одбија да го коментираат случајот. Првото сослушување пред судот во Вашингтон е закажано за 1 април.

Автор: Ендру Бовен / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска