1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо од најавените странски инвестиции во Македонија

11 јануари 2011

Кои инвестиции беа најавувани во 2010. а колку од нив се реализираа? Ветувањата беа атрактивни, имињата на компаниите кои требаше да вложат во Македонија звучни, но нивните планови се изјаловија.

https://p.dw.com/p/QlXq
Владата најавува инвестиции, Бунарџик и натаму зјае празенФотографија: Stojanovski

2010 е уште една поразителна година за Македонија на полето на странски инвестиции. Со сума од 110 милиони евра собрани пари по основ на директни странски вложувања заклучно со септември и без позначајна гринфилд инвестиција, Македонија и на почетокот на втората деценија од новиот миленум останува неатрактивна дестинација на глобалната инвеститорска мапа. Надлежните не се загрижени.

“Воопшто не ме загрижува затоа што знаеме дека сме на прав пат. Тие варијации од оваа година не можат да се потценат во екот на ваква криза. За наредните години очекуваме многу повеќе, бидејќи гледаме дека оваа година имавме многу поголем интерес од странските фирми и повеќе посети“, вели министерот за странски инвестиции Веле Самак.

Maz. Minister Vele Samak
Наместо фабрики, македонските граѓани ќе добијат трговски центри. Министерот за странски инвестиции Веле Самак.Фотографија: DW

Според податоците од Централната банка во првите девет месеци од 2010 во земјата влегле 111 милиони евра директни странски инвестиции, што е помалку од истиот период во 2009 кога износот беше 138 милиони евра.

Во изминатите години беа најавени голем број стански инвестиции. Дел договорени, дел во најава, на крајот од 2010 не е реализирана ниту една. Заеднички изговор за сите е економската криза. Монтипе“, „Искра“, „Орланди груп“, „Шише џам“, „Хаер“ и „Тривју“ се само дел од низата странски инвестиции кои беа бомбастично најавувани. Па во кризната 2008 и 2009 за опоравување одложени за во 2010-та.

Странците не и веруваат на Македонија

Бизнисмените велат дека економската криза е само една од причините зошто странскиот капитал го нема во Македонија. Ристо Гуштеров вели дека странците немаат доволно доверба во Македонија.

“Не се работи толку за ризик туку тоа што на Македонија се гледа како на проект, а не како на стабилна и здрава држава“.

Risto Gusterov
Бизнисменот Ристо Гуштеров вели дека странците немаат доверба во државатаФотографија: DW

Во отсуство на сериозни „гринфилд“ инвестиции во фабрики, погони, производствени капацитети, се градеа трговски центри и споменици. Во Скопје неодамна е удрен камен темелникот на „Скопје Сити мол“, инвестиција во објект што се најавува како најголемиот трговски центар во Југоисточна Европа. За разлика од ваквите инвестиции потфрлија вложувањатa во слободните зони, во фабрики што требаше да донесат раст во економијата и нови вработувања.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски