1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доживотна служба, со задршка

Гинтер Биркеншток/ Симе Недевски18 октомври 2013

Кога некој ќе стане бискуп, останува тоа до крајот на животот. Но, во случај на грешка во извршување на должноста и бискупите можат да бидат сменети или да поднесат оставка.

https://p.dw.com/p/1A1i5
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Не се случува ретко, како што тоа обично се мисли, некој бискуп да биде заменет“, вели Хорст Херман, свештеник во пензија, теолог и социолог, кој денес живее во едно мало место на Боденското Езеро. Некои се заменети поради алкохолизам, други поради обвинувања за имање незаконски деца, некои пак поради неправилно трошење на пари. Во изминатите 10 години повеќе од 10 бискупи останаа без своите позиции. Во светот има околу 5.000 бискупи.

Дури и папата Франциско во краткиот временски период откако стана папа смени тројца бискупи: перуанскиот бискуп Гилермо Абант Гузман кој до јули годинава беше бискуп на војската на својата земја и двајца бискупи во Словенија, љубљанскиот надбискуп Антон Стрес и мариборскиот надбискуп Марјан Турншек.

Главно не е лесно, вели Херман во разговорот за ДВ, да се наведе некој бискуп да поднесе оставка, ако нешто згрешил. „Поголемиот број од нив се замолени сами да поднесат оставка или да замолат за разрешување од функцијата. Тоа е наједноставно“, вели Херман. Но, ако бискупот тоа не го сака, работата е многу потешка, бидејќи бискупот не е шеф на филијала на некоја римска фирма. „Тој се смета за наследник на апостолите“, вели професорот по теологија Херман.

Спектакуларни случаи

Меѓу бројните случаи на бискупи кои морале да на напуштат својата должност има неколку истакнати. „Во нив спаѓа на пример варшавскиот бискуп Пјотр Јарецки, кој поради возење во алкохолизирана состојба заврши во затвор“. Во октомври 2012. Јарецки ја стави својата служба на располагање. Големо внимание предизвика случајот на аугсбуршкиот бискуп Валтер Микса. Тој беше обвинет дека малтретирал деца во еден интернат и дека ненаменски ги трошел црквените пари. Освен тоа на останите бискупи веќе одамна им било познато дека Микса бил алкохоличар. Поранешниот бискуп на австралискиот град Тувумба Вилијам Мартин Морис ги прекршил само црквените правила. Тој јавно се залагал жените да можат да станат свештенички. Во мај 2011. Ватикан објави дека Морис е разрешен од должност.

QUALITÄT Horst Herrmann Kirchenkritiker Soziologe und Schriftsteller
Хорст ХерманФотографија: Horst Herrmann

Бискуп се останува доживотно

Ако некој бискуп поднесе оставка тоа не значи дека ги губи и другите црквени должности. „Тоа е една особеност на црковното право и католичката догма, тој останува бискуп доживотно“, објаснува Хорст Херман. За бискуп човек станува посветен, тој сакрамент е неповратен како и свештеничкиот ред. Поради тоа, на пример, и сменетите бискупи од ултраконзервативното Братсво Св. Пие и натаму можат да поставуваат свештеници. А во краен случај можат да поставуваат и бискупи: „Ако бискупите од Братството Св. Пие еден ден речат, ќе изумреме ако немаме нови бискупи, тие можат без тешкотии, иако е тоа спротивно од Ватикан, со ракоположење да назначуваат нови бискупи“, објаснува Херман.

Таква работа веќе еднаш се случи. Основачот на Братсвото Св. Пие, бискупот Марсел Лефебвре против експлицитната волја на Ватикан во 1988. за бискуп го назначи Ричард Вилијамсон, кој го негира постоењето на холокаустот. Во 1976. Лефебвре беше суспендиран од папата Павле VI. И својот бискупски приходи сменетите бискупи и натаму ги добиваат додека се живи. По смената добиваат бискупска пензија, која во Германија дури ја плаќа државата.

Тебарц-ван Елст не може да поднесе оставка“

Во случајот на лимбуршкиот бискуп Франц-Петер Тебарц-ван Елст сѐ уште не е јасно дали ќе поднесе оставка. Ако тоа не го стори, на папата ќе му биде тешко да го суспендира, смета Хорст Херман. Поинаку мисли Инго Бригенјунген, главниот уредник на католичката радио станица во Келн, Домрадио. „Папата е врховен поглавар на црквената држава. Тој на крајот може да стори сѐ што сака во Црквата.“ Според негово мислење, лимбуршкиот бискуп ќе биде разрешен од должност, на овој или оној начин. „Она што е најважно за еден бискуп е довербата. Тој тоа повеќе го нема. Затоа Тебарц-ван Елст нема друга можност отколку да поднесе оставка.“

Richard Williamson
Контроверзниот бискуп Ричард ВилијамсонФотографија: picture-alliance/dpa