1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Literaturnobelpreis

9 октомври 2009

Доделувањето на Нобеловата награда за литература на германската писателка Херта Милер е своевидно изненадување. Но, одлуката на Шведската академија е сосема оправдана.

https://p.dw.com/p/K2sB
Заслужени ловорики: Херта МилерФотографија: AP

Секоја година на почетокот на октомври љубителите на пишуваниот збор си го поставуваат истото прашање: што ли ќе измисли овој пат Шведската академија? Дали годинава Нобеловата награда ќе оди во рацете на некој автор којшто има тежина?

Rumänien Deutschland Literatur Nobelpreis Dorf von Herta Müller
Родното село на Херта Милер во Романија - НичидорфФотографија: AP

Ова прашање е оправдано бидејќи навистина е тешко да се најде логиката врз која се темелат одлуките на Шведската академија. Меѓу спорните одлуки, кои ќе се паметат уште долго е на пример онаа за доделување на наградата на италијанскиот комичар Дарио Фо во 1997 година и тоа за неговиот „народно-политички агитационен театар“, како што стоеше во образложението. Или, пак, уште посвеж пример од минатата година, кога наградата за Французинот Жан Мари Густав Ле Клезио ги изненади дури и неговите сонародници. Во сеќавање ќе остане исто така и наградата од 2000 година за некој си Гао Џингџијан од Кина, кој беше речиси непозната литерарна фигура како во неговата татковина Кина, така и во Париз, кадешто живее. Накусо: Нобеловата награда за литература ја добиваат многумина, често не оние кои навистина ја заслужуваат.

Издржана одлука

Но, годинава е поинаку. Иако одлуката за Херта Милер е изненадување, таа е издржана. Херта Милер е една од најважните писателки на нашата епоха. Нејзините дела носат политичка тежина и што е уште поважно - покажуваат јасен став! Тоа е во склад со заветот на Алфред Нобел, кој порачал дека наградата за литература треба да ја добијат оние, кои го создале најдоброто дело „во идеалистички смисол“. И тоа го има кај Херта Милер! За разлика од многумина нејзини современици, таа внесува „книжевен револт“ во нејзините книги. Таа, имено, била прогонувана поради нејзината борба за човекови права во Романија, од каде потекнува како припадник на германското малцинство во Банат.

Литерарен и политички ангажман

Херта Милер не се ангажирала за промени само на хартија. Кај неа литерарното творештво и личните доживувања се тесно испреплетени. Таа се осмелува да зборува за слободата, за човечкото достоинство и за правдата - и тоа без цинизам и релативизирање. Притоа не игра никаква улога тоа што настаните за кои пишува лежат далеку во минатото. Секако дека ова признание треба да се гледа и во контекст на прославата на 20-годишнината од паѓањето на комунистичките режими во Источна Европа. Згора на тоа, Херта Милер е припадничка на германското малцинство во Романија, кое често не го добива вниманието што го заслужува. Во нејзиното најново дело „Лулашка на здивот“ таа ја опишува со болна прецизност судбината на Германците, кои во ерата на Сталин биле депортирани од нивните домови во романскиот регион Зибенбирген во Русија. Оваа книга е големо обвинение за нечовечноста што владее во тоталитарните општества.

Herta Müller Literaturnobelpreis
Авторката Херта Милер на литерарно читање на најновото дело „Лулашка на здивот“Фотографија: picture-alliance/dpa

Наградата како поттик

Оваа одлука на Шведската академија е добра и поради уште еден аспект. Херта Милер е, имено, релативно млада авторка, која се наоѓа во најзрелото доба на нејзиното литерарно творење. Таа се наоѓа среде политичкиот и литерарниот живот и од неа може уште многу да се очекува. За неа Нобеловата награда за литература, која често одеше во рацете на автори кои порано одбележувале епохи и кои, во меѓувреме, веќе паднале во заборав, ќе значи нов поттик за креирање. Тоа што радоста во Германија и во Романија е голема - е сосема разбирливо. Десет години по Гинтер Грас и по десетти пат се’ на се’, Нобеловата награда оди во земјата на поетите и мислителите. Но, ова не е награда само за една германска писателка, туку таа е добивка и за литературата воопшто!

Автор: Рамон Гарсија-Цимзен / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска