1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловци бараат ослободување на Лиу Сиаобо

БГ/макфакс27 февруари 2013

Стотина Нобеловци од целиот свет преку петиција бараат ослободување од затвор на кинескиот дисидент и добитник на Нобеловата награда за мир Лиу Сиаобо и неговата сопруга.

https://p.dw.com/p/17mdY
Фотографија: dapd

Повеќе од 140 добитници на Нобеловата награда, меѓу кои е и поранешниот јужноафрикански надбискуп Десмонд Туту, ја потпишале и им ја предале на кинеските власти петицијата со која од нив се бара ослободување на кинескиот дисидент Лиу Сиаобо, добитник на Нобеловата награда за мир во 2010 година.

Во писмото коешто го потпишаа 400 илјади луѓе од 130 земји, лауреатите од новиот кинески лидер Си Џинпинг бараат ослободување на Лиу од затвор и неговата сопруга од домашен притвор во Пекинг. Петицијата им била врачена на кинеските амбасади и дипломатски мисии во Хонгконг, Њујорк, Париз, Берлин и Лондон.

„Меѓународната заедница би требало јавно и остро да ги осуди кршењата на основните човекови права и законската постапка, како и слободата на говорот“, се наведува во петицијата којашто ја потпишал и претставник на организацијата за човекови права Амнести Интернешнл. Време е Лиу Сиаобо и Лиу Сиа, да бидат ослободени, се заклучува во петицијата. Лиу Сиаобо, кинески книжевен критичар, историчар и активист за човекови права кој се залага за политички реформи и укинување на еднопартискиот систем во Кина, беше уапсен во јуни 2009 година, под обвинение за поткопување на државата и осуден на 11 години затвор.