1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата влада нема да прифати промена на уставното име

27 јули 2011

Главни приоритети на новата македонска влада во следните четири години ќе бидат зголемувањето на економскиот раст и вработеноста, интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО, најави мандатарот Никола Груевски во Собранието.

https://p.dw.com/p/1250D
Сега треба да ги оствари изборните ветувања: мандатарот Никола ГруевскиФотографија: MIA

Освен тоа меѓу приоритетните задачи на македонската влада ќе се најдат и борбата против корупцијата и криминалот, како и ефикасното спроведување на правото преку реформи во судството и јавната администрација.

Мандатарот Никола Груевски во изложувањето на програмата за работа пред парламентот го спомена и одржувањето на добрите меѓуетнички односи, преку меѓусебна толеранција и почитување. Груевски ветува и спроведување на Охридскиот договор, како и инвестирање во образованието, науката и информатичката технологија.

Во однос на спорот со името, Груевски рече дека владата нема да прифати промена на уставното име и нема да прифати предлози што би го загрозиле македонскиот идентитет. Повтори дека за конечното решение ќе одлучуваат граѓаните.

Namensstreit - Gespräche
Ќе има ли какво и да е решение за името? Посредникот на ОН, Метју НимицФотографија: MIA

„Нема да дозволиме кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани кои ќе излезат на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе се изјаснат на тој референдум се согласни со можното решение“, рече Груевски.

Од министрите во владата, побара да работат чесно, посветено, транспарентно и одговорно. Владата ја опиша како спој на младост и искуство. Според Груевски, успехот не е едноставен и лесен, но е достижен.

„Сето она што го правиме за Македонија, за подобра иднина, тоа е нашата обврска што ја прифаќаме. Поддршката што ја добивме и по третпат од граѓаните е мотив да продолжиме по патот кој го зацртавме и да продолжиме со континуитетот со кој започнавме“, изјави Груевски.

Abdulakim Ademi
Од вицепремиер до министер за животна средина: Абдулаќим АдемиФотографија: Petr Stojanovski

Навраќајќи се на минатото, тој рече дека деноноќната работа на владата донела помрднување од сивилото во кое ја затекнале државата.

Владата ќе се гласа до четврток на полноќ

По експозето на Груевски, пратениците два дена ќе дебатираат. Изборот ќе биде најдоцна до полноќ во четврток. Замениците министри ќе се бираат на посебна седница закажана за петок на пладне.

Во новиот владин состав за вицепремиерските места се предложени Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, Муса Џафери и Теута Арифи. Ставрески истовремено ќе ја извршува и функцијата министер за финансии.

Гордана Јанкулоска се предлага да остане на чело на Министерството за внатрешни работи, Фатмир Бесими да ја преземе министерската функција во одбраната, Никола Попоски, досегашниот амбасадор во ЕУ, да раководи со македонската дипломатија, министер за администрација и информатичко општество како и досега ќе биде Иво Ивановски, додека Миле Јанакиески ќе го води Министерството за транспорт и врски.

Gordana Jankulovska Innenministerin Mazedoniens
Останува на челото на МВР: Гордана ЈанкулоскаФотографија: DW

Валон Сарачини е предложен да го води ресорот економија, Невзат Бејта - локална самоуправа, а како министер за правда Блерим Беџети.

Никола Тодоров се предлага да раководи со Министерството за здравство, а за нов министер за образование и наука е предложен Панче Кралев. Министерството за земјоделство се предлага да продолжи да го води Љупчо Димовски. Министер за труд и социјална политика ќе биде Спиро Ристески, кој досега беше заменик-министер во овој ресор.

Министерството за култура би требало и натаму да го води Елизабета Канческа-Милевска, додека за министер за животна средина и просторно планирање е предложен Абдулаќим Адеми.

Министри без ресор остануваат Неждет Мустафа, Хади Незир и Веле Самак, а мандатарот го дополни составот со уште еден министер без ресор, Бил Павлески.

Автор: Александар Методијев/ Макфакс/ МИА

Редактор: Горан Чутаноски