1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата грчка јавна телевизија во „црно-бело“

БГ/макфакс12 јули 2013

Грчката влада се обиде во четвртокот, по целосното затворање на јавните телевизиски канали, повторно да го покрене јавниот аудовизуелен медиум. Премиерата досега не одушеви никого.

https://p.dw.com/p/196hs
Фотографија: Reuters

Црно-бела техника, мелодии од 1960-те, филмови со веќе починати актери, археолошки документарци.., ја сочинуваа програмата во првите часови на „јавната телевизија“ чие привремено име е ДТ, а како што пишуваат грчките медиуми, ги поведе гледачите во минатото на економското и социјалното пропаѓање на земјата.

Претходно, сите три канали на јавната радиотелевизија ЕРТ беа ненадејно затворени на 11-ти јуни, пред точно еден месец, со одлука на владата на Антонис Самарас. Легално и правно, владата беше принудена да го обнови сигналот на јавната телевизија, по одлуката на државниот совет за привремено продолжување на програмите.

Извршното тело задолжено за новата грчка јавна телевизија, претходно во средата (10.07) предупреди дека во првиот период, поради недостиг од оригинални содржини, новата телевизија ќе мора да се задоволи со реемитување на филмови и документарци. Малата екипа задолжена за обновување на новиот грчки радиотелевизиски сервис изгледа, исто така, нафрлена како и самата програма, иронизираат грчките медиуми.

Некои весници критикуваат и поради „импровизацијата“ и „аматеризмот“ на новата програма. Единствено, се забележува, љубителите на вестите може да бидат задоволни, бидејќи при дното на екранот оди лента со информации, а можат да се гледаат и странските како британската BBC, германската Deutsche Welle, коишто претходно беа достапни бесплатно преку сигналот на ЕРТ.

Griechenland staatliches Fernsehen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вработените во ЕРТ не се предаваат

Во седиштето на веќе историската јавна телевизија ЕРТ, во северниот дел на грчката престолнина Атина, десетици вработени продолжуваат секојдневно да се вклучуваат нудејќи свои информативни емисии и билтени емитувани на интернет, благодарејќи на поддршката од Европската унија за радио и телевизија. ЕРТ од затворањето стана алтернативен и опозициски медиум, додека 2.700 вработени добија отказ.

Новата јавна телевизија емитира, според пишувањата на грчките медиуми, благодарејќи на релеј на приватна станица. Министерот за аудиовизуелни медиуми, Пантелис Капсис, во вторникот изјави дека дијалогот не е прекинат, како и дека новото тело е подготвено да вработи две илјади луѓе, поранешни вработени во ЕРТ со плаќање на компензација. Но под услов да ја напуштат зградата. Противниците ја одбија таа можност, а новата телевизија ја нарекуваат „пиратска“. Приватните грчки телевизии во четвртоко (11.07) неколку часа штрајкуваа во знак на солидарност со вработените во ЕРТ.

Честопати претходно владиниот портпарол Кедикоглу ја критикуваше државната телевизија ЕРТ за штрајкување за време на важни државни посети и ја обвинуваше телевизијата за саботирање. Државната телевизија одби да ги покрие посетите на германската канцеларка Ангела Меркел и на францускиот претседател Франсоа Оланд на Грција, како и на грчкиот премиер Антонис Самарас во Турција и во Кина, во знак на протест против „неприфатлива политика на владата кон јавниот радиодифузен сервис и печатот".

Griechenland Generalstreik nach Schließung des staatlichen Rundfunksenders ERT
Протест против затворањето на државната телевизија во АтинаФотографија: Reuters

Новата грчка јавна радиодифузна компанија ќе се вика Nerit (Ново грчко радио, интернет и телевизија), како што соопшти минатата седмица владата во Атина. Вработените ќе ја добијат задолжителната отпремнина, а сите вработени во ЕРТ, околу 2.700 луѓе се отпуштени од работа. Оние кои сакаат, ќе можат да аплицираат и да останат во новата телевизиска компанијата. Наместо 300 милиони евра годишно, како досега, за новата компанија државата ќе издвојува 100 милиони евра. Во март годинава медиумите објавија дека обвинителството на Грција ќе ги проучи извештаите за финансиски неправилноста во ЕРТ, напумпаните плати на водителите и непотизмот. Медиумите тврдеа дека менаџерите на телевизијата ги „пумпаат" цените на производството на телевизиските серии и програмите, а на високоплатените позиции поставуваат свои пријатели и роднини. Самите телевизиски водители ги демантираа извештаите за високите ставки и поврзаноста со продуцентите на програмите.