1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова алка во синџирот насилства

5 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRt
Два дена пред парламентарните избори во Русија, денеска во самоубиствена напад врз еден воз во пограничниот регион кон Чеченија загинаа 36 лица, а повеќе од 150 се повредени. Овој најнов терористички напад ќе има влијание и врз исходот на изборите, смета Миодраг Шориќ во неговиот коментар. Се уште никој не знае кој се крие зад страшниот бомбашки напад врз возот на југот од Русија што отвора простор за шпекулации. Секако, многумина претпоставуваат дека зад овој акт би можеле да се кријат Чеченци. Сосема е можно тој да бил дело на една личност, значи да не е дел од организираниот чеченски отпор против руската армија во Кавказ. Многу чеченски мајки ги загубија своите сопрузи и синови, руските сили на неброено многу цивили им нанесоа болка. Оттаму постојано доаѓа до одмазнички акти. Таков може да биде и овој врз возот. Претставниците на руската влада реагираат со воинствени изрази на сила - псујат и колнат. Тоа не е само несоодветно, туку делува беспомошно. Зашто ваквите терористички акти не можат да се спречат со уште поголема сила. Единственото што може да го направи руската држава против ваквите злосторства досега е запоставено: да ја запре репресијата на руската солдатеска против цивилите во Чеченија. Очигледно военото раководство не е дорасното за таква задача. Се почесто организациите за човекови права информираат за напади на руската армија. Затоа и во иднина ќе доаѓа до акти на одмазда, без оглед какви закани ќе искаже министерот за внатрешни работи денеска или во наредните денови. Оружениот отпор против руската армија во Чеченија во изминатите месеци беше скршен. Воениот успех на Москва има повеќе татковци. Едниот се вика Ахмад Кадиров. Во октомври владата во Москва дозволи да биде избран за претседател. Тој располага со приватна армија од повеќе илјади војници кои се борат на страната на руската армија. Воено, чеченскиот отпор може малку да им спротивстави на неговата и на руската армија. Така отпорот се префрла врз терористички акти, како овој најновиот. Повторно загинаа цивили, овојпат главно Руси. Во погон е спирала на насилство и противнасилство што барем во моментов никој не може или не сака да ја спречи. Теророт во општеството предизвикува атмосфера на страв и агресија. И тоа ќе има влијание врз претстојните парламентарни избори в недела на 7 декември. Не треба да се биде пророк за да се предвиди дека од овој напад посебно ќе профитираат радикалните сили. Меѓу нив политичкиот кловн Владимир Жириновски кој со својата партија ќе ја прескокне пречката од 5 насто, но и партијата "Татковина" на Сергеј Глазјев и Димитриј Рогозин кои исто така ќе се најдат во новата Дума. Но, тоа во никој случај не е сигурно кај демократски оринетираните партии кои повикуваат на преговори со Чеченците за да се изгради правна држава. Кон нив припаѓа вечниот опозиционер Григориј Јавлински со неговата партија "Јаблоко".