1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова желба за старата татковина

Алоис Бергер/ Симе Недевски1 декември 2013

Добрата состојба на пазарот на труд во Германија врати многу германски иселеници во нивната татковина. Сепак не може да се зборува за голем повратнички бран.

https://p.dw.com/p/1A1a8
Фотографија: Getty Images

Кога Филип Мајер-Кукук се пресели во Њујорк, германски канцелар беше Хелмут Кол, невработеноста изнесуваше околу 11 проценти. За младиот био-медицинар од Бон работната понуда од угледната Болница за специјална хирургија беше животна шанса. Денес, 15 години подоцна, Филип Мајер-Кукук се врати во Германија, на Техничкиот универзитет во Минхен и повторно има големи очекувања. „Кога видов како се опремени лабораториите, ми беше јасно дека повеќе не заостанувамев зад Њујорк.“

Филип Мајер-Кукук е еден од 120.000 Германци, кои пред многу години се иселија од Германија и сега се враќаат во земјата. Од 2008. година бројот на иселеници од Германија од година во година полека се намалува, и сега изнесува околу 130.000. Истовремено, сѐ повеќе луѓе се враќаат во Германија. Во медиумите често се зборува за трендот, се воздигнува повторно воспоставената активност на германскиот пазар на труд и се слави новото германско чувство за припадност кон татковината.

Повеќе иселеници отколку повратници

Томас Либиг, стручњак за миграции од ОЕЦД, познава многу такви текстови од печатот. Тој често се цитира како главен сведок и често е, вели, погрешно разбран: „Вистина е дека во моментов помалку луѓе се иселуваат од порано, но не е забележан силен тренд за враќање на иселениците.“

Familie Mayer-Kuckuk Rückkehrer Auswanderung
Семејството Мајер-КукукФотографија: privat

И Сабине Јунг од Германската организација на научници, која ги помага германските академици во странство и им помага да се вратат, смета дека тезата за повратничкиот бран е предимензионирана: „Од агол на Германската организација на научници бројките не укажуваат дека постои таков тренд. Сѐ уште има повеќе иселеници отколку повратници.“

Томас Либиг и Сабине Јунг претпоставуваат дека зад таквите текстови во медиумите се крие застарената слика за емиграција. Имено сѐ уште постојат луѓе, кои поради авантура или егзистенцијални грижи ги пакуваат куферите засекогаш, но тоа е малцинство кое исчезнува. „Денес немаме иселенички бранови, какви што има во светот поради војна или глад“, смета Моника Вилхелм од баварското Министерство за правда. Затоа нема ни повратнички бран: „Она што го имаме денес, е циркулација на мозоци, значи висококвалификувани лица кои ја напуштаат земјата и одредено време живеат на друго место, па поворно одат во некоја трета земја и еден ден се враќаат во татковината.“

Иселување во соседна земја

Поголемиот број луѓе денес одат привремено во странство, истакнува стручњакот за миграција Томас Либиг од ОЕЦД. „До 50 проценти мигрантите во својата земја се враќаат во рок од 5 години. Најголемиот број од нив во странство се пратени од своите работодавачи. Колку е поразвиена целната земја, толку се поголеми шансите да стане збор за минлива станица“, вели Либиг. Во моментов една четвртина од иселениците главно одат во Австрија или во Швајцарија: „Од тие земји, кои се многу слични на Германија, големи се шансите луѓето да се вратат во Германија.“

За медицинското лице Филип Мајер-Кукук враќањето во татковината не значи чекор назад, туку чекор напред кога станува збор за кариерата. „Секогаш бев отворен за враќање во Германија и мислам дека е тоа многу возбудливо.“ За враќањето вели дека има и лични и работни причини. Ќерката наскоро му тргнува на училиште, сопругата Американка, во Германија добила работа, а една од причините е и тоа што работата во Америка станува сѐ потешка. „На Американците веќе неколку години им недостасуваат пари, секојдневната работа е сѐ потешка бидејќи има сѐ помалку средства за истражување.“

Чашата во Германија е половина празна, во Америка половина полна

Добрата економска ситуација во Германија за многумина е главен аргумент да се вратат во земјата. Но ни во Германија не е сѐ така розово: „Кога од надвор ќе се погледне кон татковината, многу работи изгледаат розови“, оценува повратникот од Австрија, Максимилијан Еманс и додава „дека подоцна полека се согледува оти работите не се толку идеални како што тоа изгледа однадвор.“
И Филип Мајер-Кукук зад себе има вистински искуства. Смета дека Германците постојано се жалат „дека чашата е половина празна, додека во Америка е половина полна.“ Тој е многу љубопитен за својата старо-нова татковина, но додава: „ние спаѓаме во семејствата кои одат од еден континент на друг, во зависност од тоа каде се подобри шансите и каде е подобар квалитетот на живот. Доколку САД или некоја друга земја во која се зборува англиски јазик можат да понудат подобри услови, многу е јасно дека ќе отидеме таму.“

Rückwanderer Baby Karton Familie Emans EINSCHRÄNKUNG BEACHTEN
Семејството ЕмансФотографија: privat