1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова иницијатива на Џорџ Буш за Блискиот Исток

17 јули 2007

Американскиот Претседател Џорџ Буш сака да го поттикне блиско источниот мировен процес преку свикување меѓународна конференција.

https://p.dw.com/p/BJ01
Палестинско семејство преку ТВ екран ја следи иницијативата на БушФотографија: AP

Учесници на меѓународната конференција ќе бидат Израел, претставници на палестинската влада, како и земји од регионот, кои се залагаат за решението за две држави, го признаваат постоењето на Израел и се откажуваат од насилството.

“Кондолиза Рајс и другите учесници ќе треба да проверат колкав напредок оствариле Палестинците во создавањето на институциите, потоа ќе бараат иновативни начини за натамошно поттикнување на реформите, а ќе пружат помош и во билатералните преговори меѓу двете страни за создавање палестинска држава.“

Џорџ Буш им вети на Палестинците и финансиска помош. Уште годинава САД ќе исплатат 190 милиони долари, а ќе одобрат и кредити од 228 милиони за палестински фирми.

“Денеска најавувам натамошни 80 милиони долари за реформа на палестинските сили за безбедност.“

Американскиот претседател ги повика и потенцијалните донатори на конференција, при тоа посебно спомнувајќи ги арапските земји како Саудиска Арабија, Египет и Јордан.

Со целиот пакет мерки американската администрација демонстративно му пружа поддршка на претседателот на Палестинците Махмуд Абас и дава сигнал за изолирање на радикалното палестинско движење Хамаз. Буш исто така нагласи дека Израел ќе мора да ги повлече еврејските населби на Западниот брег на реката Јордан, ако сака да има мирен соживот со соседна држава на Палестинците.

Сите овие мерки според Буш се веќе договорени со останатите членки во Блиско источниот квартет, каде покрај САД, членуваат уште Русија, ЕУ и ОН. Буш уште најави дека наскоро во регионот ќе пристигне и поранешниот британски премиер Тони Блер за да им помогне на Палестинците во градењето сопствени институции.