1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова мировна иницијатива за Блискиот исток

17 ноември 2006

Шпанија, Франција и Италија сакаат да покренат нова мировна иницијатива за Блискиот исток. „Сакаме да се најде решение за палестинско-израелскиот проблем“, изјавија иницијаторите, шпанскиот премиер Запатеро и францускиот претседател Ширак.

https://p.dw.com/p/Ac1e
Запатеро
ЗапатероФотографија: AP

Првиот чекор би била нова мировна конференција за Блискиот исток на која ќе учествуваат сите страни во конфликтот. Идејата ја објавија шпанскиот премиер Хозе Луис Родригез Запатеро и францускиот претседател Жак Ширак. По вчерашната средба во шпанското градче Герона, Запатеро изјави:

„Шпанија и Франција одлучија повеќе да не посматраме само немо и заедно со Италија и ЕУ активно да соработуваме, за со меѓународни напори да го поттикнеме мирот во регионот. Мир на Блискиот исток, мир меѓу Израел и Палестина, значи мир и во меѓународни рамки“, изјави Запатеро.

Се надоврза и францускиот претседател Ширак:

„Целосно ја поддржуваме оваа иницијатива. Ќе спроведеме заедничка акција со која ќе се обидеме да ги поттикнеме итно потребните политички, но и морални реформи на Блискиот Исток“.

Запатеро додаде дека претходно овој предлог го поддржал и италијанскиот премиер Романо Проди, како и евродипломатот Хавиер Солана. Сега се чека тоа да го сторат и Германија и Велика Британија.

По мировната конференција во појасот Газа би се испратиле и меѓународни набљудувачи. Со новата мировна инцијатива треба да се дојде до крај на насилствата меѓу Израелците и Палестинците, а цел е и креирање на нова палестинска влада на национално единство и размена на затвореници меѓу двете страни.