1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова програма за штедење и нови штрајкови во Грција

АТ/ дпа/ афп9 септември 2012

Новите планови за штедење во Грција се во завршна фаза. Од Атина се најавува скорешно усвојување на програмата, која предвидува заштеди од 11,5 милијарди евра. Синдикатите веќе ги оддржаа првите штрајкови.

https://p.dw.com/p/165fm
Фотографија: dapd

Во пресрет на разговорите на претставниците на меѓународната „тројка“ со грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас за натамошна исплата на финансиската помош за Грција илјадници луѓе протестираа против мерките за штедење на владата. Демонстрациите во Солун, кои на почетокот беа мирни, беа засенети од нередите, кои ги предизвикаа група автономи. На протестите повикаа повеќе грчки синдикати како и левичарскиот сојуз Сириза.

Претставници на Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија од петокот престојуваат во Грција, за да проверат дали Грција ги исполнува условите за исплата на следната транша финансиска помош во висина од 31,5 милијарди евра. Нивниот извештај се очекува на почетокот на октомври. Според грчките медиуми можно е меѓународната „тројка“ да побара натамошни промени во плановите за штедење. Тие јавуваат дека според проценките на меѓународните експерти недостасувале заштеди во висина од дополнителни две милијарди евра.

Вечерва премиерот на Грција Андонис Самарас има намера да оддржи средба, за да го отвори патот за најавените мерки за штедење во опсег од 11,5 милијарди евра во 2013 и 2014 година. Според информации од грчкото Министерство за финансии, оваа програма би требало да биде усвоена најдоцна до петок следната недела.

Antonis Samaras
Премиерот СамарасФотографија: dapd

Утре премиерот Самарас лично треба да се сретне со делегацијата доверители. Грчкиот премиер Самарас во петокот ги повика меѓународните доверители брзо да ја исплатат следната транша за високо задолжената земја, а од своите сограѓани побара да ја поддржат програмата за штедење и им вети дека ова се последни мерки за штедење.