1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова рунда преговори за името

ЕМФ/миа/макфакс24 октомври 2013

Во Њујорк денеска (24.10) почнува дводневната рунда разговори за спорот за името, свикана од посредникот на ОН во спорот, амбасадорот Метју Нимиц.

https://p.dw.com/p/1A5Jz
Фотографија: MIA

Денеска би требало да се одржат одделни средби на Метју Нимиц со претставниците на двете земји, амбасадорот Зоран Јолевски и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис. За утре наутро е предвидена заедничка средба во седиштето на Обединетите нации, како и прес-конференција на која ќе се претстават резултатите од разговорите.

По септемвриската средба во Њујорк, каде во Обединетите нации македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски се сретна со грчкиот колега Евангелос Венизелос, Попоски изјави дека нема напредок и дека меѓу ставовите на двете земји има планини. Венизелос во Њујорк, по разговорите во септември со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун изјави:

„Ние поддржуваме заеднички прифатливо сложено име со географска одредница, кое ќе биде за севкупна употреба – ерга омнес. Тоа е конечно, јасно, функционално решение. На овој начин и соседната земја ќе биде во можност да ја најде својата европска перспектива, што е многу важно и за неа и за нас, зашто сакаме целиот Западен Балкан да ја најде заедничката перспектива, нешто што е стабилизирачки фактор во нашиот регион. Ќе ја понудиме сета расположива помош. Ние сме големи инвеститори, голем сосед кој, со чувство на пријателство, може да помогне, секако само доколку постои добра волја, добрососедство и почитување на меѓународното право“, рече Венизелос.

Nikola Gruevski Ban Ki-moon 28.09.2013
Груевски и Бан во ЊујоркФотографија: MAKFAX

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун на средбата со македонскиот премиер на крајот на септември понудил свој личен ангажман за да се организира средба на највисоко ниво меѓу двете земји, соопшти Никола Груевски по разговорите во Њујорк.

„Првпат во нашите разговори генералниот секретар Бан Ки Мун изрази подготвеност и тој лично да се вклучи во разговорите, организирајќи средба на повисоко ниво. Јас тоа го поздравив и кажав дека во секое време сме подготвени за таква средба. Тоа би било еден нов момент, доколку се случи, и доколку и другата страна го прифати“, изјави македонскиот премиер Груевски.