1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова рунда разговори меѓу Ештон, Дачиќ и Тачи во Брисел

Марина Максимовиќ / Александар Методијев8 септември 2013

Продолжувањето на подготовките на изборите на Косово на 03.11. се во фокусот на денешниот дијалогот меѓу Белград и Приштина. ЕУ сака што е можно поголема излезност. Можен е договор за телекомуникациите и енергетиката.

https://p.dw.com/p/19dmi
Фотографија: picture-alliance/AP

Шеснаесети пат по ред, но првпат во недела, премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, се среќаваат на работна вечера во Брисел. Во канцеларијата на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон велат дека „набиениот септемвриски распоред“, неделните состаноци, не се ништо невообичаено. И овојпат се очекува разговорите, кои започнуваат доцна попладне, да траат до доцна во ноќта.

„Се продолжуваат разговорите на премиерите од крајот на август. Ние очекуваме дека главниот фокус ќе биде на подготовките за изборите на изборите на 3 ноември“, изјави портпаролката на шефицата на европската дипломатија, Маја Коцијанчиќ.

Во Брисел ја повторуваат изјавата на Кетрин Ештон, со која таа веќе го поздрави напредокот во подготовките на изборите на Косово, остварен од страна на Белград и Приштина, посебно кога станува збор за „одлуките на Централната изборна комисија и регистрацијата на многу партии и ентитети ширум Косово“.

Ештон: Изборите мораат да бидат добро подготвени

Во исто време Кетрин Ештон ги повикува Белград и Приштина да продолжат со подготовките за избори, кои според нејзините зборови претставуваат „пресвртница за иднината на Косово и нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина“, а се’ со цел нивно ефикасно спроведување и добар одзив на гласачите.

„Повеќе не станува збор за тоа што остана спорно, туку сакаме овие избори добро да се подготват и во тој контекст ќе се разговара денеска“, вели Коцијанчиќ и додава:

EU Außenpolitik Catherine Ashton in Brüssel
Ќе има ли насмевки и по 16-та рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина?Фотографија: REUTERS

„Меѓутоа, тоа нема да биде единствената тема. Ќе се разговара и за имплементација на априлскиот договор. Вие знаете дека имплементацијата се’ уште е во тек и дека мора да продолжи со темпото кое го ветија двете страни“.

ЕУ сака одлука за телекомуникациите и енергетиката

Во седиштето на ЕУ се очекува 16-та рунда разговори меѓу Дачиќ и Тачи да донесе поместувања, ако не и договор, за прашањето на телекомуникациите и електричната енергија. Истото мислење го има и премиерот на Косово Хашим Тачи, кој повторно изнесе очекување за можен конечен договор во овие две области. Дипломатски извори од Брисел сепак се резервирани и повторуваат дека „договорот е на повидок“, но и дека таа реченица се повторува уште од месец јуни. Од канцеларијата на Ештон велат дека Европа сака да види „конечни одлуки“.