1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова „чистка“ во владиниот кабинет?

2 септември 2009

Реконструкција нема да има, но оставки на министрите се очекуваат - е моделот за нови смени во владата што премиерот Груевски го избра и пред два месеца, кога смени четворица министри. Следни ротации се очекуваат во ДУИ.

https://p.dw.com/p/JNYc
Владиниот кабинет, јули 2008Фотографија: MIA

Иако македонскиот премиер Никола Груевски велеше дека не планира и септемвриска рунда промени во својот кабинет, тој не исклучува тоа да се случи, откако Демократската унија за интеграција, коалицискиот партнер, сепак направи проценка на владеењето на кабинетот на Груевски и за работата на своите министри.

Во вторитот бран промени, најверојатно ќе замине министерот за правда Михајло Маневски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е на удар од домашната опозиција и критиките од Брисел за мешање на извршната власт во независноста на судството, и неквалитетна примена на донесените закони во оваа област.

Mazedonien hat Kosovo als unabhängigen Sttat anerkannt
Кои министри од ДУИ ќе ја напуштат владата?Фотографија: Petr Stojanovski

На ред непродуктивните министри од ДУИ

До крајот на месецот се очекува „чистка“ да ги зафати и министрите од ДУИ, за кои лидерот Али Ахмети и партискиот врв оцениле дека се непродуктивни. Сигурно е заминувањето на министрите за труд и екологија, Џелал Бајрами и Реџеп Јакупи. Не е исклучено од владата да биде повлечен и вицепремиерот за Рамковен договор, Абдулаким Адеми, кого опозицијата го критикува за бавната регрутација на Албанците во државната администрација. Адеми одбегнуваше соочување во парламентот со опозицијата од Демократската партија на Албаниците и Нова демократија. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вчера (01.09.2009) одново ја критикуваше владината политика и пред се‘ учеството на ДУИ околу признавањето и воспоставувањето редовни дипломатски односи со Косово.

„Оваа влада веќе направи непријатели од сите наши соседи, почнувајќи од Грција, Бугарија, Косово и понатаму. Мислам дека голема грешка на Владата на Македонија е што не се искористува пријателскиот однос што Република Косово го има кон Македонија “, изјави Тачи.

При можната нова реконструкција на владата најверојатно ќе биде зафатен и Фатмир Бесими од економија, кој е во директен судир со вицепремиерот Ставревски, во спорот на владата со австриските инвеститори во ЕВН. Бесими учествуваше во продажбата на Електродистрибуција во време на владата на СДСМ и застана во одбрана на австриската мултинационална компанија.

Груевски очекува интриги и манипулации

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski
Груевски критикуван од опозицијатаФотографија: Petr Stojanovski

Премиерот Груевски е цел на остри критики и на опозицијата околу економската политика. На можниот повик на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, за граѓански отпор во уривањето на владата, тој одговори:

„Доколку не ги променил реториката и она што го пласира, не очекувам дека ја променил и методологијата за да се обиде да сруши една власт и да дојде тој на власт, така што секаков вид на интриги, манипулации и подместувања, организирања штрајкови и протести и така натаму, ги очекувам од негова страна и тоа е дел од неговиот начин на работа“, изјави премиерот Груевски, по враќањето од Канада, време во кое опозицијата изведе канонада на критики за неговото владеење.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска