1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите бараат слобода за Кежаровски

ЕМФ/макфакс31 мај 2013

Пред Основниот суд 1 во Скопје денеска (31.05) се одржа протест на новинарите на кој беше побарано новинарот Томислав Кежаровски да биде ослободен од притвор за да може да се брани од слобода.

https://p.dw.com/p/18hrw
Фотографија: Makfax

Со транспарентни „Кој е следен за ликвидација“ и извици „Слобода за Кежаровски“ денеска напладне неколку десетици новинари пред Основниот суд 1 во Скопје побараа новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски, кој беше уапсен во вторникот (28.05), да се брани од слобода. Кежаровски беше уапсен поради наводно откривање на идентитет на заштитен сведок во случајот „Ореше“.

„Дојдовме тука да протестираме за да биде ослободен Томислав Кежаровски, кој беше уапсен за да го открие изворот на информациите. Дојдовме за да протестираме за бруталноста и силата која постојано се демонстрира врз припадниците на медиумите. Дојдовме тука да побараме и одговори за прашања кои сe‘ уште не се одговорени, за трагичната смрт на нашиот колега Никола Младенов. За тоа институциите молчат, а за текст напишан пред пет години апсат со специјалци“, изјави Тамара Чаушидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија.

Главниот и одговорен уредник на Нова Македонија, Зоран Димитровски, рече дека новинарот Кежаровски не разоткрил никаков идентитет на заштитен сведок, туку разоткрил крупна афера:

„Судијката, обвинителството, истражната судијка морале да ги имаат во предвид овие факти, дека новинарот не разоткрил никаков заштитен сведок, туку разоткрил една афера којашто е крупна. Мислам дека случајот ’Ореше’ е еден од најголемите срамови во македонското судство, треба допрва да се разоткрива. Ако треба за тоа да виси еден новинар, треба да им биде на чест и на обвинителството и на судството. Ние денес бараме новинарот да биде ослободен од притвор. Нема да прејудицираме дека станува збор за кривично дело кое тој навистина го направил или не го направил. Она што го бараме е да биде пуштен да се брани од слобода за да може да ја докаже својата невиност за да може не само со новинарско истражување, туку и да ги искористи сите правни можности да докаже дека е невин за сето за што се товари“, рече Димитровски.

Според Димитровски, во моментот кога Кежаровски пишувал за наводниот заштитен сведок и кога го открил неговиот идентитет, „сведокот не бил формално правно заштитен сведок, туку бил лице коешто издржува затворска казна“ и „кое полицијата го врбувала да стане заштитен сведок со лажно сведочење“:

Journalisten-Proteste in Skopje
Зоран Димитровски на протестот на новинаритеФотографија: Makfax

„Обвинителството прво мора да одговори на прашањето дали овој сведок е автентичен и вистинит, па потоа да гони новинари и да определува притвор на новинар кој известувал за целата оваа ујдурма во организација на луѓе од полицијата и некои други структури, но тоа не е направено. Неговата единствена вина е што напишал текст со кој ја разоткрил намерата на полицијата, на луѓе од полицијата кои сакале на овој начин обвинат двајца - еден од своите колеги и неговиот брат за убиството во Ореше“, вели Димитровски.

На почетокот на оваа година се случи пресврт во судскиот процес „Ореше“, кога заштитениот сведок под псевдонимот „Бреза", кој настапи со изјава против обвинетите за платеното убиство во село Ореше, призна дека инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) го принудиле да прифати улога на заштитен сведок, со цел да даде изјава против обвинетите, браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски. Браќата беа ослободени по третпат од обвинението, според кое тие наводно во 2005 година по нарачка на Ѓоре Петровски го убиле 74-годишниот Лазар Милошевски.