1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите бараат слобода за Кежаровски

БГ/макфакс25 јули 2013

Македонските новинари протестираа поради притворањето на нивниот колега и оценија дека слободата на изразување во земјата е мртва. ОБСЕ бара итно ослободување на Кежаровски

https://p.dw.com/p/19EAc
Фотографија: Makfax

Со транспаренти „Колку пари чини животот на Кежо“, „Сите сме ВМРО, пуштете го Кежо“, новинарите излегоа на протест пред Кривичниот суд и уште еднаш побараа слобода за колегата од дневниот весник „Нова Македонија“, Томислав Кежаровски, на кого судот му го продолжи притворот за нови 30 дена. На почетокот на протестот претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија, Тамара Чаусидис побара едноминутно молчење во знак на како што рече „умрената слобода во Македонија“.

„Случајот Кежаровски и смртта на Младенов се доказ дека во Македонија слободата на изразување е умрена“, рече Чаусидис и уште еднаш побара Кежаровски кој веќе четврти ден штрајкува со глад да го прекине штрајкот.

Новинарот на весникот „Нова Македонија“, Зоран Димитровски исто така го повика Кежаровски да го прекине штрајкот со глад , бидејќи како што рече, „само здрав може да ја продолжи својата мисија“. Димитровски побара институциите за прв пат да постапат правилно и да го ослободат Кежаровски од притвор. Одлуката за продолжување на притворот на Кежаровски ја осуди и Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ.

„Уште еднаш, ја нагласувам важноста да им се овозможи на новинарите да прават истражувачки стории за прашања од јавен интерес, ослободени од заканата од затвор и без да бидат принудени да ги откријат своите извори.

Апелирам до властите во Скопје да се разгледа ова прашање како итно и сериозно. Продолжувањето на притворот за Кежаровски веќе има големо влијание врз слободата на медиумите во земјата", апелира Мијатовиќ.

Протестот пред судот го поддржаа и двете новинарски здруженија во Македонија, Здружението на новинарите на Македонија и Македонската асоцијација на новинари.

Гаранцијата во недвижен имот која ја достави новинарот за да се брани од слобода кривичниот совет воопшто не ја разгледувал, бидејќи според судот до истражниот судија не стасало мислењето од Обвинителството, истрагата завршила по што предметот бил пратен во обвинителство на изготвување обвинителен акт. Судиите одлучувале само по предлогот на обвинителството за продолжување на притворот, а за да се одлучува по гаранција треба повторно да се поднесе ново барање за укинување на притворот со понуден имот.