1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите во Египет во опасност

Штефани Хепнер/ Жана Ацеска17 август 2013

Борбите меѓу силите за безбедност и приврзениците на исламистите во Египет се засилуваат. Со тоа меѓутоа расте и опасноста за оние што не се учесници во судирите, меѓу кои и независните новинари.

https://p.dw.com/p/19RPQ
Фотографија: Reuters

Лица изобличени од болка, стиснати тупаници, со крв потопени завои, се‘ пожестокиот конфликт во Египет и во Германија, на илјадници километри оддалеченост, се чини се‘ поблизок. Интензивните снимки од средиштето на случувањата за новинските портали во светот станаа новинарски стандард. Но, тоа има своја цена: зашто, во натпреварот за што подобра фотографија или снимка, фоторепортерите и камерманите често се доведуваат во животна опасност. Ситуацијата за новинарите во Египет станува се‘ покритична.

Christoph Dreyer Pressereferent Reporter ohne Grenzen
Кристоф ДрејерФотографија: Reporter ohne Grenzen/faceland berlin

Организацијата „Репортери без граници“ од крвавото расчистување на протестните кампови во средата (14.08), пријави четворица мртви. Двајца од нив се британскиот камерман Мик Дин од Скај Њуз и новинарката Хабиба Абд Ал-Азиз, која известуваше за весникот Експрес. кој излегува во Обединетите Арапски Емирати. Дин бил погоден од еден единствен куршум на снајперист, целно истрелан, додека известувал за судирите меѓу полицијата и припадниците на движењето на Мурси на плоштадот пред џамијата Раба-Ал-Адавија во Каиро. Новинарката Хабиба Ахмед Абд Ал-Азиз исто така била убиена од снајперист на плоштадот. Кој се крие зад овие целни снајперски стрелби, не е јасно, вели Кристоф Дрејер од „Репортери без граници“. Организацијата бара од египетската влада истрага и судска разрешница за случаите. Моментно во Египет се загрозени и оневозможувани во својата работа и новинарите од печатените медиуми, радиото и телевизијата. На пример, Иман Хилал, фотограф на египетскиот весник Ал-Масри Ал-Јум добил закана со нож од приврзениците на Мурси и бил принуден да ја предаде мемориската картичка од камерата. Повеќемина новинари, меѓу кои двајца од Франција, биле тепани. На ранг листата на „Репортери без граници“ за слободата на печатот во една земја, Египет е ставен на дното, го зазема 158 место меѓу 179 земји.

Без пристап до протестните кампови

И тимот на Фолкер Швенк, раководител на студиото за странство на германскиот прв телевизиски јавен канал, АРД, бил доведен во тешкотии при обидот да интервјуира еден христијански сопственик на продавница.

Ägypten Protest Muslimbrüder 16. August 2013
Повредени демонстрантиФотографија: Reuters

„Го снимавме пред неговата изгорена продавница, само што почнавме да разговараме со него, кога не‘ нападна маса луѓе, која не се согласуваше со она што го снимаме“, раскажува новинарот за Дојче веле. Новинарите добиле закани, им била одземена камерата и уништена мемориската картичка, а им бил побаран и автомобилот. Тимот успеал неповреден да се повлече во бирото.

„Моментно не е лесно да се снима. Насекаде каде има неорганизирани луѓе, постои извесен ризик за ненадејна ескалација на лутина, некој одеднаш да се почувствува навреден. А освен тоа, постојат и криминалци кои го користат вакуумот во безбедноста“, вели новинарот Швенк. Досега најнеопасно било кај Муслиманското братство, кое професионално се грижело за новинарите, дури на пример им биле организирани и партнери за интервјуа.

„Тоа се луѓе кои се свесно одбирани, тоа се чувствува, но таму човек може да работи“, истакнува Швенк.

Во други случаи, како на пример со дописникот на Дојче веле од Каиро, Матијас Зајлер, однапред било попречувано известувањето. Кога тој се упатил кон протестниот камп, бил запрен, претресуван и не му било дозволено да продолжи.

„Во државните весници е објавено дека новинарите имале целосен пристап до протестните кампови за време на расчитувањето, но всушност, беше сосема спротивно“, се жали тој.

Психичко оптоварување

Покрај физичката закана, новинарите се изложени и на енормно психичко оптоварување. Репортерот на Дојче веле, Зајлер, раскажува за колеги кои биле во мртовечниците во џамиите:

Bildergalerie Ägypten Gewalt Muslimbrüder
Трупови на убиените во една џамија, глетка која не се забораваФотографија: Reuters/Amr Abdallah Dalsh

„Тие отворено рекоа: ова се слики кои никогаш нема да излезат од главата“.

Новинарот на АРД, Швенк, развил своја сопствена стратегија за да излезе на крај со грозотиите. Во секојдневната работа човек си навлекува еден „панцир“, вели тој. И техничката опрема придонесува за дистанца.

„Тоа е малку како да снимаш операција, ми велат камерманите секогаш: гледам низ камерата и тоа најчесто е црно-бело. А тогаш не е толку страшно“.