1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинари под Дамоклов меч во Сочи

Џенифер Фрачек / Александар Методијев30 јануари 2014

„Репортери без граници“ со совет за претпазливост до новинарите на Олимписките игри во Сочи. Тие треба добро да ги заштитат комуникацијата и изворите, вели Кристијан Мир, извршен директор на „Репортери без граници“.

https://p.dw.com/p/1Az9f
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: За неколку дена започнуваат Олимписките игри во Сочи. На ранг-листата за слобода во медиумите од „Репортери без граници“ Русија се наоѓа на 148 место од 179 земји. Поради што медиумската слобода во Русија е толку остро ограничена?

Мир: „Од мај 2012. година, со почетокот на третиот мандат на Владимир Путин како претседател, се донесени бројни закони, кои ја овозможуваат цензурата и целосното надгледување, пред се’ на интернетот. Многу новинари се жалат дека овие закони висат како Дамоклов меч над нивните глави. Тоа води кон самоцензура. Освен тоа, ние ги набљудуваме и бројните напади на новинари во Русија. Од 2000-та година имаме податоци за 30 убиени новинари. Само во минатите две години има повеќе од 30 напади, а најголем дел од нив остануваат неказнети. Голем дел од нив се случија во Северен Кавказ, значи во регионот во кој ќе се одржат Олимписките игри“.

ДВ: Како ги контролира руската држава своите медиуми?

„Речиси без исклучок има државни или блиски до државата медиуми. Телевизиите во Русија горе-долу известуваат исто. Ова пред се’ е опасност за слободата во медиумите, бидејќи телевизиите се најважниот извор на политички информации за најголем дел од Русите“.

Christian Mihr Reporter ohne Grenzen
Кристијан Мир, извршен директор на „Репортери без граници“.Фотографија: ROG/Günther

ДВ: Кои закони ја попречуваат работата на новинарите во Русија?

„Последниот актуелен пример е заострувањето на правата на интернет, што стапува на сила на први февруари. Потоа ќе може да се затворат вебстраниците со ’екстремистичка содржина’. Тука спаѓаат и повиците за неодобрени протести, кои стојат и на новинарски вебстраници. Думата донесе закон во ноември 2012-та година кој се однесува на велепредавство и шпионажа. Како велепредавство се смета сето она што може да ја загрози безбедноста на земјата. Ова може да биде проблем за новинарите кои известуваат за безбедносно чувствителни теми. Во април 2013. година е донесена забрана за употреба на навредливи зборови во медиумите. Таа се однесува на новинарите, нивните соговорници и на коментарите од читателите. Освен тоа, има и забрана на ’пропагандата за нетрадиционалните сексуални врски во присуство на малолетници’, што де факто се однесува на извештаи за хомосексуалци. Постои закана од казна до еден милион рубљи, или речиси 23.000 евра. Медиумите можат да бидат затворени и до 90 дена“.

ДВ: Каков е ефектот од ова врз известувањето за Олимпијадата?

„Во државните медиуми нема критички извештаи за кршењето на човековите права во контекст на Олимписките игри, на пример за принудното преселување или, пак, за корупцијата при градбата на спортските објекти. Во декември 2013-та година премиерот Медведев им даде овластување на службите целосно да ја следат телефонската и интернет комуникација на учесниците и посетителите на Олимписките игри, а податоците да можат да се анализираат и до три години по завршувањето на Игрите. Доколку активисти или новинари информираат за планираните протестни акции за време на Олимписките игри, тогаш тие би можеле да бидат обележани како поддржувачи на протестите и да бидат дискриминирани при идните барања за виза. Ги советуваме странските новинари, консеквентно да ги криптираат своите информации и комуникации, а посебно внимателно да постапуваат со своите извори“.

ДВ: Каква улога има Меѓународниот олимписки комитет (МОК) кога станува збор за почитувањето на човековите права и слободата во медиумите?

IOC Präsident Thomas Bach
Репортери без граници сметаат дека одговорноста лежи и кај Меѓународниот олимписки комитет. На фотографијата е претседателот на МОК, Томас Бах.Фотографија: Reuters

„Сметаме дека МОК имаше должност, при доделувањето на Игрите, да внимава на тоа дали се почитуваат човековите права во земјата на одржување на настанот. МОК не може да се повлекува дека спортот е неполитичка работа. Русија, веројатно како и секоја друга земја, има политички амбиции при организацијата на Олимписките игри. Таа сака да се претстави како модерна, отворена кон светот земја. Тоа е политичка изјава“.

ДВ: „Репортери без граници“ исто така го критикуваат и централно организираното известување на Олимпијадата од страна на МОК.

„Снимките од спортските терени ќе бидат споделени со националните телевизии. Да се прават сопствени снимки не е можно за другите медиуми. Апелираме до странските медиуми транспарентно и одговорно да се однесуваат со телевизиските снимки и новинарскиот материјал од Русија“.

Кристијан Мир е дипломиран новинар и од април 2012-та година е извршен директор на невладината организација „Репортери без граници“. Претходно тој има работено во мрежата за известување во Источна Европа (n-ost.org) и како новинар, доцент и човек за односи со јавност и медиуми, меѓу другото и во Еквадор и Русија.