1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарот на 21-от век ќе биде мултимедиумски

11 октомври 2009

Од 5 до 9 Октомври Стразбур беше домаќин на третата Меѓународна средба на новинарството и информациите, на кои новинарите дебатираа за иднината и предизвиците а новинарската професија и квалитетот на информирањето.

https://p.dw.com/p/K40O
СтразбурФотографија: dpa

Толку многу познати новинарски имиња, посебно француски, Стразбур гледа само за време на значајните европски настани. На третиот меѓународен собир на новинарите, беше изразено жалење дека освен постојаните дописници на странските медиуми од Стразбур, учесниците од другите земји беа многу ретки.

На 36-те работни маси и во дискусиите, едно од главните прашања кои се наметна е иднината на новинарската професија и начинот на информирање.

Се започнува со самокритика

Бруно Мазур долгогодишен водител на телевизскиот дневник на националната телевизија, констатира дека пиушуваниот печат денес е „здодевен“, многу „аргументиран“, и „пресериозен“.

Бернар Пуле, изрази загриженост од недостигот на кредибилност кај новинарите, поради постојаното мешање на информациите и рекламите.

Лук Шател уредник на „ Темуањаж Кретиан“, предупреди на опасноста од преголема слобода која дозволува да се пишува „било што“. Тој притоа го даде како пример „Монд Дипломатик“, кој му ја должи својата независност на верноста на своите читатели.

За Пјер Хаски, основач на интернет весникот „Ру 89“ (Улица 89) сведоци сме на крајот на индустријата на традиционалото информирање. Индустрија како и сите други индустрии. Ова најдобро се гледа преку миграцијата на рекламите од пишуваниот печат кон интернет.

„Рекламите нема да се вратат во печатот, како што беше порано.Таа економска рамнотежа е мртва. Но тоа не значи дека печатот е мртов. Ќе има весници кои ќе преживеат, кои ќе успеат да пронајдат нова рамнотежа, во мултимедиумски форми.“

Screenshot der Internetseite www.netzeitung.de Flash-Galerie
Интернетот целосно го менува медиумскиот пејсаж

За Жан Мио, поранешен директор на „Фигаро“ и „АФП“, иднината на информирањето е во комбинацијата на традиционалните форми на информирање со интеренетот.

„Весниците не се повеќе она што беа, брзата информација е интернетот. На хартија сега ќе правиме коментари и анализи.“ Според Мио, иако ова не им се допаѓа на многумина наши колеги, новинарот на 21-от век ќе биде задолжително мултимедиумски.“

Мора да се зајакнат фундаменталните вредности

Со 4 милијарди мобилни телефони во светот и нивниот технолошки напредок се предизвика вистинска револуција во информирањето. Тие го променија начинот на информирање, денес сите можат да разменуваат информации, објаснува Беноа Рафаел.

„Мобилните го забрзаа информирањето, секој е вклучен многу полесно со еден поедноставен алат на интернет, со што имаме забрзување на целиот процес на информирање и поделба на информациите.“

Коментарите на статиите на интенерет, со исклучок на нивната мрачна страна - агресивноста, расизмот, радикалноста... се најголемата придобивка за новинарите. Размената на мислења со читателите преку коментарите, ги принудуваат да бидат поодговорни во работата и враќање на изгубената довербата во публиката.

За организаторот на собирот, Жером Бувие, промените на кои е изложена професијата со технолошкиот напредок треба само да ја зајакнат во нејзините фундаментални вредности, односно проверката на информацијата.

„Новинар е онај кој што барем една секунда, една минута, еден час или една недела ќе си рече: - располагам со информација ќе треба да ја проверам, рагледам, изработам и ставам во перспектива. Тогаш публиката ќе продолжи да има интерес да ја чита, гледа и слуша работата направена од еден новинар. Во спротивно ако тоа е механички, како што веќе го прави Гугл, тогаш нема иднина за оваа професија.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Симе Недевски