1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарската фела шокирана од затворот за Кежаровски

Костадин Делимитов21 октомври 2013

Изненаденост и шокираност предизвикува судската одлука за 4,5 години затвор за новинарот Томислав Кежаровски. Новинарските здруженија реагираат дека одлуката е вперена против слободата на изразување.

https://p.dw.com/p/1A3Bd
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Здружението на новинарите на Македонија е шокирано од одлуката на основниот суд во Скопје со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на четири и пол години затвор за објавување на текст со кој наводно бил откриен идентитетот на заштитен сведок, изјави за Дојче веле претседателот на ЗНМ Насер Селмани. ЗНМ смета дека оваа одлука не го осуди само новинарот Кежаровски, туку е вперена против слободата на изразувањето и слободата на медиуми. Со тоа Македонија, според Селмани, станала единствена земја во Југоисточна Европа со осдуен новинар заради напишан текст за злоупотреба на институтот заштитен сведок:

„Судот наместо да го заштити јавниот интерес, застана на страната на злоупотребата, која после ова пресуда доби и судска заштита. Пораката е многу застрашувачка - секој новинар што во иднина ќе открие злоуптреба на власта, ќе заврши во затвор. Ваквото заплашување нема да успее затоа што секој новинар во Македонија би го направил тоа што го направи Кежаровски. Сите ние сме Кежаровски. Убедени сме дека одлуката е во спротивност со судската пракса на Европскиот суд за човекови порава во Стразбур, кое македонското судство е обврзано да го почитуваат затоа што Македонија е потписничка на Европската конвенција. Евидентно е дека судот не направи обид да го примени тестот на пропорциолналност. Кога се одлучува за предмети поврзани со слободата на изразувањето треба да се направи баланс и освен правната регулатива да го земе предвид и правото на јавноста да знае за злоупотребите на власта, што претставува највисок јавен интерес. Ваквата интервенција на судот не може да се смета за неопходна во демократско општество. Пресудата ќе биде обжалена и се надеваме дека Апелационито суд ќе има поголемо разбирање за слободата на изразувањето и заштитата на јавниот интерес“, изјави Селмани.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

Пресудата за новинарот Томислав Кежаровски е пресуда против целата новинарска фела, реагира за Дојче веле претседателот на Независниот синдикат на новинарите Тамара Чаусидис во првичната реакција по објавата на пресудата:

„Пресудата за Кежаровски која е поголема од онаа што е изречена и за првообвинетиот во целиот процес е пресуда против целата новинарска фела и тоа не може никако поинаку да се разбере. Таа го отсликува односот на власта, во случајов на судската власт, на правото на новинарот да го брани јавниот интерес. Затоа што да не заборавиме, се‘ што направи Кежаровски е што напиша два текста во кои ја открива злоупотребата на институтот заштитен сведок од страна на полицијата. Тоа го покажаа и сведоците кои учествуваа во процесот игнорирањето на барањето да се дозволи Кежаровски да се брани од слобода, или да ја чека правосилната пресуда од слоиако не може да го повтори делот го покажува колку е игнорирано сето она што беше кажано од медиумската заедница, протести, барања, реагираа и меѓународните организации, но ништо не даде резултат. Тоа само говори само за односот што го има новинарството во оваа земја“, смета Чаусидис.

Со реакција се јави и Македонската асоцијација на новинари. Претседателот на асоцијацијата Слаѓана Димишкова за Дојче веле коментира дека Кежаровски добил превисока казна:

Journalisten-Proteste in Skopje
Протести на новинарите пред судот во Скопје поради случајот „Кежаровски“ (архива)Фотографија: Makfax

„Пресудата е неочекувано строга, особено во споредба со другите изречени казни, по што произлегува дека сторителите на делото и изворот на информациите за заштитениот сведок се безмалку невини во однос на новинарот кој го објавил идентитетот на заштитениот сведок“.

За Хелсиншкиот комитет, кој уште од стартот на процесот реагираше на начинот на кој се води целата постапка, пресудата исто така е изненадување.

„Пресудата е изненадување и повторно ќе го потенцирам она што и претходно го кажував. Симптоматично е што тогаш кога наводно се случило делото, тој не бил приведен и не била покрената постапка против него. Сметам дека казната е превисока, што одговара и на сите наши сомневања дека за целиот случај постои и друга заднина, но за што точно ќе покаже времето, во моментов можеме само да шпекулираме. Иако фактички Кежаровски, како што кажа и во своите завршни зборови, тој на некој начин разоткри како функционира овој систем и обвинителството и судовите. Буквално ги разбистри аномалиите на нашиот систем и сега тој е осуден на четири и пол годишна затворска казна. Пресудата се‘ уште ја немаме, но откако ќе ја добиеме детално ќе ја разгледаме и ќе излеземе со дополнителен став во јавноста“, изјави за Дојче веле Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет реагираше уште на самиот старт на процесот кога мерката притвор беше изречена колективно, за сите обвинети во случајот. Случајот Кежаровски предизвика и меѓународни реакции. Претставникот на ОБСЕ за слободата на медиумите Дуња Мијатовиќ писмено реагираше и до премиерот Никола Груевски нагласувајќи дека е неприфатливо за едно демократско општество да му се суди на новинар за неговото пишување. Истовремено таа предупреди дека тој е единствен случај во регионот на Западен Балкан каде на новинар му се суди во притвор. Груевски одговори дека власта и самиот тој не се мешаат во работата на судовите и дека ниедна професија не смее да биде амнестирана од законот. Кежаровски според него не бил притворен заради неговото пишување, туку затоа што е обвинет за повреда на Законот за заштита на сведоци, што е пропишано како кривично дело во наведениот закон. Новинарот Кежаровски е осуден на четири години и шест месеци затвор, поради објавувањето на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.Останатите обвинети во предметот „Ликвидација“, меѓу кои имаше судии, адвокати и обвинители, добија казна затвор од 1 до 5 години.