1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови безредија во Египет

АТ/ афп/ дпа/ кна2 март 2013

При судирите на североистокот на Египет убиен е еден цивил. На југот на земјата повторно се случија религиозни немири. Во меѓувреме опозицијата не сака да се сретне со новиот американски државен секретар Кери.

https://p.dw.com/p/17pCJ
Фотографија: AFP/Getty Images

При насилните судири меѓу полицијата и демонстрантите во египетскиот град Мансура на делтата на Нил убиено е најмалку едно лице, а десетици се повредени. Младиот човек, кој според властите бил прегазен од полициско возило, немал никаква поврзаност со протестната акција во текот на ноќта.

Полицијата употребила солзавец и гумени палки за да ги растера противниците на исламистичкиот претседател Мохамед Мурси, кои протестираа пред зградата на гувернерот.

Демонстрации се одржаа и во главниот град Каиро како и во градовите Порт Саид, Исмаилија и Суец. Во Египет критичарите на режимот со месеци протестираат против претседателот Мурси. Во изминатите денови негодување предизвикаа повеќе извештаи за измачување на малолетни демонстранти во полициските станици.

Посетата на Кери засенета од протести

Во меѓувреме двајца влијателни водачи на египетската опозиција одбиваат средба со новиот американски државен секретар Џон Кери, кој викендов е во Каиро. Хамдеен Сабахи од Националниот фронт за спас за телевизијата ОНТВ изјави дека тој и носителот на Нобеловата награда за мир Мохамед ел Барадеј на овој начин сакаат да протестираат против „притисокот“ од Вашингтон, да го повлечат најавениот бојкот на парламентарните избори во април.

Ägypten Wahlen Präsidentschaftskandiat Hamdin Sabahi
Опозициониот политичар Хамдиеен Сабахи не сака да се сретне со американскиoт државен секретарФотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот генерален секретар на Арапската лига, Амр Муса, кој исто така припаѓа на Националниот фронт за спас, наспроти ова во разговор со порталот Ал Ахрам изјави дека тој сака да разговара со Кери.

Првата посета на Кери на Египет е засенета со протестите. Противниците на исламистичкото раководство повикаа на демонстрации пред Министерството за надворешни работи и американската амбасада во Каиро. Тие ја обвинуваат американската влада дека го поддржува владејачкото Муслиманско братство, иако тоа не ги почитува демократските правила на игра. Меѓу официјалните термини на американскиот министер е разговор со претседателот Мурси.

Политички затегната ситуација

Националниот фронт за спас го образложува својот повик за бојкот на претстојните парламентарни избори со одбивањето на претседателот Мурси и неговата исламистичка влада да ги согледа нивните барања. Едно од нив е и формирање на нова „влада за спас на земјата“.

Политичката состојба во Египет е затегната. По наредба на Мурси изборите ќе почнат на 22. април и ќе се одвиваат во повеќе етапи до јуни. Новиот парламент треба да се состане на 2 јули.

Религиозни судири

Вчера (01.03) исто така имаше и религиозни судири на југот на земјата. Полицијата во градот Ком Обмо им се спротивстави на муслиманските демонстранти, собрани пред христијанска црква, се вели од безбедносни кругови. Затегнатостите меѓу муслиманите и египетските копти не се реткост. Во многу случаи судирите се поради лица кои наводно конвертирале. Коптите сочинуваат околу шест до десет проценти од египетскотот население.