1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови ветришта на грчката берза

Јанис Пападимитриу / Александар Методијев8 ноември 2013

Грчкиот пазар на капитал е во подем. Од мај 2012. година, индексот на Атинската берза е зголемен за над 140 проценти. Дали ова е економски оправдано? Експертите се согласни дека грчкиот пазар на капитал има потенцијал.

https://p.dw.com/p/1ADqJ
Фотографија: Reuters

Бројките јасно покажуваат - според порталот на „Блумберг њуз“, Атинската берза во минатите 16 месеци ги победила сите други берзи во светот. Во истиот временски период само берзата во Венецуела се развивала уште подобро. Пред сѐ, се чини дека грчките банки и извозноориентираните индустриски компании меѓународно биле интересни за инвестиции.

Манос Хаѕидакис, главен аналитичар на атинската компанија за финансиски услуги „Бета секјуритис“, гледа потенцијал за дополнително зголемување на вредноста на грчките акции. Тој исто така во обзир зема и што на берзанскиот бум му претходеше долгогодишна фаза на пад во берзанските добивки. Тој потсетува дека меѓу 2007. и 2013. година индексот на Атинската берза загуби 85 проценти од вредноста. Хаѕидакис вели дека сега пред сѐ странските фондови се подготвени да инвестираат во грчките акции.

Пазар во развој во средина на еврозоната

Во јуни реномираниот „Морган Стенли капитал индекс“ (МСКИ) ја оцени Грција, земјата погодена од криза, како земја во развој, бидејќи во неа не можат да се забележат предусловите што ги има во една индустриска земја, а се однесуваат на движењето на капиталот. Намалениот индекс се оцени како низок удар за Грција. Атинскиот берзански индекс потоа падна во последниве два месеци на најнизок износ.

Manos Hatzidakis Chefanalyst bei Beta Securities in Athen
Манос ХаѕидакисФотографија: DW/J. Papadimitriou

Но, во секое зло има и нешто добро. Грчките финансиски експерти веруваат дека, поради намалениот индекс од МСКИ, фондови специјализирани за земји во развој имаат инвестирано во последно време на атинската берза. Ваквото гледиште го дели и Манос Хаѕидакис.

„Звучи парадоксално - Грција се појавува како земја во развој, ама останува и натаму дел од високоразвиената европска економска зона“, вели финансискиот аналитичар, според кого ова ги прави инвестициите во акциите двојно поатрактивни. Инвеститорите се надеваат дека ќе профитираат од растот на пазарот во развој, како и од ветувањата за стабилизирање на земјата-членка на еврозоната.

Растот на грчката берза е оценет од владата во Атина како доверба во економијата на земјата. Владата сепак укажува дека пазарите отворено можат да почнат да шпекулираат со порастот во Грција. Финансискиот аналитичар вели дека е секако можно одредени фондови да сакаат само шпекулации на грчкиот пазар на капитал, но тоа нешто е случај во целиот свет, кога курсот ќе почне да расте.

Thanassis Mavridis Chefanalyst bei Beta Securities in Athen
Танасис МавридисФотографија: DW/J. Papadimitriou

Берзата нема врска со реалната економија во Грција

Публицистот и раководител на економскиот портал www www.capital.gr Танасис Мавридис оценува дека случувањата на берзата немаат никаква поврзаност со реалната економија во Грција. Тој објаснува дека традиционално банките важеа за движечка сила на грчката берза, но овој финансиски експерт стравува дека тие времиња поради кризата се минато.

„Точните висини на гнилите кредити веќе никој не ги знае. Веројатно ние ќе мораме да побараме дополнителни капитализации на нашите банки“, оценува Мавридис.

Тој верува дека гричкиот пазар на капитал има потенцијал, но едноставно нему му е потребно повеќе време, за погодените банки и големите компании во земјата да можат да се опорават.