1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови војни по нови правила

20 септември 2009

Активностите на Црвениот крст произлегуваат од барањата на меѓународното хуманитарно право, што со новите војни се‘ потешко се остваруваат. Цивилите се оние кои остануваат незаштитени.

https://p.dw.com/p/Jk4r
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Класичната војна меѓу две спротивставени армии, на јасни фронтови и со јасни командни структури е застарен модел. Беат Швајцер од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, во изминатите 20 години бил на задача во бројни воени области во целиот свет и знае од сопствено искуство, колку вооружените конфликти се имаат променето:„Денес војните се многу помалку структурирани, Најпрво, најчесто има повеќе завојувани страни. Пример за тоа би бил Дарфур во Судан, каде постојат повеќе вооружени групи. Не се знае кој ја има командата. Постојат променливи алијанси. Не се знае кој со кого е поврзан.“

Не се знае кој е војник, а кој е цивил

Rotes Kreuz in der Schweiz bereitet Hilfsgüter für Italien vor
Црвениот крст постои за да ги намали ужасите од војнатаФотографија: AP

Црвениот крст инсистира сите вмешани групи да ги следат правилата за војување, кои во минатиот век беа утврдени во хуманитарното меѓународно право. Овие правила бараат од војниците во борба најголема можна заштита на цивилното население. Сепак, во сегашните вооружени конфликти нема јасна граница меѓу војници и цивили, објаснува Беат Швајцер: „Во традиционалните војни тоа беше релативно јасно: армиите носат униформи, тие се вооружени, а цивилите се облечени нормално и не учествуваат во конфликтот. Во многу конфликти денес е тешко да се направи оваа разлика. Во Авганистан има луѓе кои преку ден работат на своите ниви, а навечер предводат некакви воени напади. Тие немаат униформи, преку ден не носат никакво оружје.“

Психичките рани од војната најтешко зараснуваат

Flucht aus Baghdad
Војната и бегството разделуваат многу семејстваФотографија: AP

Кога границата меѓу цивилите и војниците е тенка, тогаш е потешко да се заштити цивилното население, вели Беат Швајцер. Војната и бегството разделуваат многу семејства. По војната, започнува очајна потрага по исчезнатите роднини. Тоа се психички рани кои тешко зараснуваат, а луѓето кои им помагаат на цивилите ги става пред нерешливи проблеми: „Можеме да се грижиме за настраданите. Можеме да им делиме храна. Може да се погрижиме да има чиста вода за пиење. Можеме да градиме куќи. За мене лично, а верувам и за останатите кои помагаат во воените реони, особено е тешко кога се задоволени сите материјални потреби, но нема никаква перспектива за жртвите на еден конфликт“, вели Швајцер.

Ова е тенденција на сегашните вооружени конфликти, се одолговлекуваат во бескрај и се резистентни на политичките решенија. Јасен победник нема, но затоа има многу губитници.

Автор: Клаудија Вите / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска