1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови германсии надежи на Филмскиот фестивал во Карлови Вари

16 јули 2004

По 39-ти пат во чешките Карлови Вари се одржа еден од најстарите филмски фестивали во светот

https://p.dw.com/p/AeVW

Овој фестивал се развива се повеќе во отскочна штица за германската филмска продукција, која на годинешното издание беше застапена со 13 остварувања во сите категории.

За растечката важност на Филмскиот Фестивал во Карлови Вари сведочи и фактот што сите филмови во главната конкуренција беа за прв пат прикажани во меѓународна конкуренција, значи надвор од нивните татковини, а за дури три од нив ова беше и светска премиера, што значи прикажување по прв пат воопшто. И годинава главната награда ја однесе едно италијанско остварување, имено делото “Ќерти бамбини“ , кое зборува за младински криминал во сенката на мафијата во Неапол.

Најистакнато германско остварување беше филмот “Напола“ на 31-годишниот режисер Денис Ганзел, кој пак се враќа во времето на нацистичката диктатура и зборува за едно 17-годишно момче, кое учи на елитно училиште на нацистите. Во преполната сала со преку 1200 љубители на филмот, “Напола“ остави одличен впечаток, пред се кај младата публика. За многумина млади Чеси беше особено интересно што филмот зборува за времето на национал-социјализмот од гледна точка на еден тинејџер, кој прво дозволува да го заведе нацистичката идеологија, за подоцна да почне да се сомнева во целиот систем. За режисерот Денис Ганзел ова е тема што го интересира веќе подолго време:

“Мене ми беше пред се важно да раскажам една прикзана за заведувањето. На оваа идеја дојдов правејќи го мојот прв филм, во кој се занимавав со терористичката организација Фракција на Црвените Бригади, при што открив дека Алфред Херхаузен бил исто ученик во елитно училиште на нацистите и бил подготвуван да биде гувернер на Сибир по неговото потенцијално освојување. За мене беше неверојатно некој со такво образование да биде шеф на Дојче Банк. А вториот извор на инспирација беше тоа што мојот дедо лично бил воспитен кадар на военото училиште во Хановер и ми раскажуваше многу за неговите искуства уште додека бев дете.“

Младиот германски режисер собра храброст оваа приказна да ја раскажува од внатре, како некој кој го познава системот. Тој дури се осмели за снимањето на филмот да организира стотици млади кои ја пеат нацистичката песна “Нашето знаме се виори пред нас“ и со тоа свесно да предизвика поделени реакции меѓу нив.

Постарите германски критичари на филмот, кои беа присутни во Карлови Вари, во првите реакции негативно се изразија за ова остварување, изразувајќи дури сомнеж во историската издржаност на одделни факти. Но, авторот Ганзел зад себе има исцрпни истражувања, меѓу другото и преку повеќе разговори со поранешни ученици на училиштето Напола, а кои подоцна станале социјално ангажирани граѓани и кои дури во политичката ориентација се движат повеќе во левиот спектар.

На прашањето, дали му појде од рака да ги заинтересира подлабоко за овие теми и двајцата јунаци на филмот, режисерот Денис Ганзел вели:

”Том Шилинг беше релативно заинтересиран, бидејќи е многу начитан. Но, Макс, које е уште помлад од него, а ја игра главната улога, тој сосема интуитивно се пронајде себе си во приказната. Тоа е за мене едно од најфеноменалните откритија на последниве години. Тој потолно ме фасцинира и на кастингот и при снимањето. Јас би сакал да можам да се пофалам дека сето тоа е моја креација, но тоа не е така, сето е негово. Тој е неверојатно талентиран актер!“

Дека режисерот не претерува сведочи и фактот што Макс Римелт во Карлови Вари ја освои наградата за најдобар актер во машка конкуренција.