1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови „диви ѕверки“ во Скопје?

22 март 2010

Дали Скопје наскоро ќе добие зоолошка градина според европските стандарди? Новото раководство постави амбициозни цели. Предвидено е да се подобрат условите за живот во Зоолошката, да се збогати со нови видови.

https://p.dw.com/p/MZ46
Посетителите посакуваат слон во Зоолошката градинаФотографија: AP

Зоолошката градина во Скопје деновиве наликува на големо градилиште. Се работи во секој агол, во градината има повеќе работници отколку животни и посетители. Се прекопуваат патеките и живеалиштата на животните, се градат нови кафези и се обновуваат старите.

Сончевиот пролетен ден е идеален за прошетка во природа. Зоолошката градина е убава опција, особено како забава за најмладите. Посетителите, главно млади брачни двојки кои ги шетаат децата или пензионери со своите внуци, не се задоволни од тоа што го нуди скопската зоолошка градина.

“Многу е запуштено. Валкано. Трева, смет, водата заметена,“ вели една средовечна жена и тргнува во обиколка на животните заедно со својата ќерка и внука.

Во градината има неколку стотици животни, но ретки се егзотичните видови. Нема слон, ниту жирафа.

“Нема разновидност. Слон, најмногу би сакал да видам. Само еден вид волци, лисици.“

“Мене најмногу ми недостига кафуле да има каде да се седне.“

Нехумани услови за живот на животните

Посетителите велат дека не треба да се биде активист за заштита на животните за да забележи дека тие живеат во крајно нехумани услови за живот. Така беше досега, реконструкцијата ги менува работите, не‘ уверува Јорданчо Милошевски, вработен како билог кустос во Зоолошката градина.

“Досегашните услови беа неадекватни, но се надевем дека до крајот на годинава условите ќе станат многу посоодветни, дека животните ќе добијат нови живелишта, многу послични на нивните природни живеалишта“ .

Als Zebra bemalter Esel in einem Zoo in Gaza Flash-Format
Наскоро и зебри и во СкопјеФотографија: picture alliance/landov

Во план е донесување нови животни

Зоолошката градина деновиве доби нови станари. Новото раководство е амбицирано да ја среди градината инфраструктурно и да ја збогати со нови видови. Директорот Дане Кузмановски признава дека посетителите имаат право кога очекуваат повеќе.

“Ги разбирам луѓето оти зоолошка градина без слон и жирафа всушност не е зоолошка градина. Од новите 20 животни би ги споменал лав со бели гени, три риса, четири којоти и пет волка. Во наредниот период треба да дојдат зебри, а наесен планираме да донесеме две жирафи и два слона“.

Скопската Зоолошка Градина е формирана во 1926 година. Неколку децении во неа не е преземен ниту еден посериозен градежен зафат.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска