1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови идеи за грчкиот туризам со германска помош

Панајотис Купаранис/ Симе Недевски10 јули 2012

Не со кредити, туку со ноу-хау германските општини и региони сакаат да им помогнат на своите пандани во Грција. Со оваа германска иницијатива треба да се отворат нови патишта за заработувачка и во туризмот.

https://p.dw.com/p/158tp
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Најнов пример на ваквите средби е конференцијата во градот Кавала во северна Грција. Тоа е прва од вкупно десет конференции, кои се планирани до есен и ќе бидат посветени на различни прашања. Во Кавала се говори за натамошниот развој на туризмот во Грција. Тој секогаш бил концентриран на сонцето, морето и плажата како тежишни точки во трите летни месеци. Со цел земјата да добие повеќе туристи, понудата но и туристичката сезона мора да се прошири. На пример преку поттикнување на туризмот во националните паркови. Тоа не мора да биде во противречност со заштитата на природата, вели Андреас Пуш, раководител на Националните паркови Харц во Германија.

„Ние со задоволство го нудиме нашето искуство во областа на насочување и наобразба на посетителите, како и за работењето со музеи и организација на изложби. Имаме и сопствено детско одморалиште со 8000 преноќувања годишно. Тука доаѓаат деца и млади кои се запознаваат со темата национални паркови. веруваме дека сето ова е многу важно за да се постигне прифатеност кај домашното население и кај гостите за одмор во природа“.

Tagung über die Förderung des griechischen Tourismus
Никос Авцис, раководителот на Националниот парк Родопи и Андреас Пуш, раководител на Националните паркови ХарцФотографија: DW

Проектот Преспа е добра идеја, но далеку од реализација

Никос Авцис, раководителот на Националниот парк Родопи во северна Грција, иако покажа голем интерес за соработка, сепак со неговите овластувања тој можеше само да договори програма за размена на чувари на националните паркови. На одговорните општински и регионални власти им се допадна идејата, но не може да се каже, дали тие ќе ја прифатат понудата од Харц.

Токму на недостатокот од соработка меѓу туристичките служби, општините и понудувачите на сместување, се жали Габриела Шрајнер, Австријка која веќе 20 години живее во Грција. Таа е членка на новооснованиот туристички одбор на општината Преспа на тромеѓето Грција- Албанија- Македонија. Таму недостасуваат многу работи: образовани стручни туристички работници, јавни сообраќајни линии и можности за прекуграничен туризам.

„Во 2003. година учествувавме на саемот ’Рајзеладен’ во Германија. Таму се претставивме со туристичкиот проект: три земји- две езера- една цел. Туроператорите беа воодушевени, а згора на тоа местенцата меѓусебно се оддалечени пет километри. Но кога беше поставено прашањето, како да стигнам од едно до друго место, морав да им кажам дека поради оддалеченоста на граничните премини мора да се поминат 150 километри и тоа воопшто не наиде на добар прием“.

Tagung über die Förderung des griechischen Tourismus
Габриела Шрајнер од туристички одбор ПреспаФотографија: DW

Неограничени можности

Развивање на агротуризмот или изградба на туристичка инфраструктура во винските предели со разгледување на винарии, фестивали, знаменитости, кампови, спа центри- можностите за натамошно развивање на грчката туристичка понуда се неограничени.

Една оригинална идеја имаше градот Комотини. Градоначалникот Јоргос Петридис: „Дејствувавме според чисти пазарни критериуми. Кој производ кај нас е дефицитарен ширум Европа? Така налетавме на туристичкиот пазар за хендикепирани лица. Тоа е огромен пазар од милиони наши сограѓани во Европа, кои бараат туристичка цел. Но таа одредница да биде пристапна и атрактивна за овие сограѓани, мора да располага со неопходната инфраструктура“.

Tagung über die Förderung des griechischen Tourismus
Градоначалникот на Комотини, Јоргос ПетридисФотографија: DW

Јохан Норбрет Крајтер советник за туризам без бариера кој и самиот е во инвалидска количка го посетил Комотини и видел добри решенија за хендикепираните лица. Меѓутоа одлучувачко е и домашното население да биде сензилизирано за тоа. Кому му користат рамните качувавалки ако на нив се паркираат автомобили?