Нови масовни протести во Украина
1 декември 2013Десетици илјади Украинци од повеќе делови на земјата се собраа денеска во центарот на Киев на протести поради одбивањето на претседателот Виктор Јанукович да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ. Демонстрантите ја игнорираат одлуката на властите да забранат протести на неколку плоштади во главниот град, и бараат распишување на предвремени парламентарни избори.
Полицијата со употреба на солзавец и гумени палки ги растури опозициските протести во Киев кои се одржаа вчера на централниот плоштад (30.11). Претседателот Виктор Јанукович ги осуди насилствата на протестите и повика на истрага со која ќе се утврдат одговорните за инцидентите.
Осуда на насилствата стигна и од неколку земји во ЕУ. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле денеска ја повика Украина да ги заштити демонстрантите кои мирно протестираат. „Енергично ја повикувам украинската влада да го обезбеди правото на мирен протест и да ги заштити мирните демонстранти од сите видови закани и насилство“, порача Вестервеле. Тој оценува дека украинскиот граѓани излегле на протести за „Европска Украина“. „Ние ја споделуваме нивната желба Украина да се приближи до ЕУ“, вели Вестервеле.
Јанукович е за ЕУ
Во соопштение по повод 22. годишнина од независноста на земјата, претседателот Виктор Јанукович денеска исто така се заложи за забрзување на процесот на приближување на неговата земја кон ЕУ. Тој меѓутоа додава дека во истовреме сака да ги избегне сериозните загуби за украинската економија и влошувањето на животниот стандард на граѓаните.
„Украина го направи својот геополитички избор. Ние сме европски народ и нашиот историски пат е одреден“, порача Јанукович.
Кон крајот на минатата недела Украина одби да го потпиште договорот за асоцијација со ЕУ, како прв чекор во приближувањето кон заедницата. Украинските власти потврдија дека одлуката била донесена под притисок од соседна Русија која се противи на проширувањето на ЕУ кон нејзините граници и ја условува Украина со блокирање на економската помош и испораките на гас и нафта. Според властите во Киев, блокирањето на трговските погодности од страна на Русија би ја чинело земјата околу 20 милијарди долари годишно.
Протестите на приврзениците на приближувањето кон ЕУ во Киев и во други украински градови започнаа уште минатата недела, веднаш откако беше објавено дека Украина нема да го потпише договорот. Во меѓувреме тие добија на масовност, а денеска во главниот град се очекуваат голем број жители на западните, проевропски делови на Украина.