1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови насилства на Блискиот Исток

26 јуни 2006

Прв пат по повлекувањето, милитантни Палестинците нападнаа израелска област близу појасот Газа. Двајца израелски војници се убиени, а еден е киднапиран. Бетина Маркс известува за најновите тензии на Блискиот Исток

https://p.dw.com/p/Ac5T
Нападнатиот израелски пункт во Газа
Нападнатиот израелски пункт во ГазаФотографија: AP

Повеќе вооружени Палестинци отворија оган врз израелскиот воен пункт кај појасот Газа. Во нападот се убиени двајца израелски војници, четворица се повредени, а еден војник е киднапиран. Се претпоставува дека добил медицинска помош и дека ќе биде искористен за замена со некој од палестинските затвореници. Во престрелката загинале и двајца од напаѓачите.

Палестинците во близина на граничниот премин Керем Шалом ископале тунел и така стигнале на израелска територија. Последните денови повеќепати беа повторувани поредупредувања дека е можен напад на тоа место, па граничниот премин до нападот беше постојано затворан.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт изјави дека за одговорни за нападот ги смета палестинските власти и владата на Хамас. Пред владиното заседание Олмерт изјави:

„Пред неколку часа Хамас изврши терористички напад во Газа. Во израелската војска има жртви, а погодени се и неколку терористи.Израел смета дека за нападот се одговорни палестинските власти кои ги предводи Махмуд Абас и палестинската влада“.

Изјавата следи само неколку дена откако во Јордан неформално се сретнаа Олмерт и Абас и договорија скора официјална средба.

Абас веќе со недели се обидува да ја наговори владата на Хамас на умерено држење, преговори за заеднички ставови, признавање на Израел и прекин на насилствата. За таа цел во саботата имаше и средба со палестинскиот премиер Исмаил Ханија. Палестинската влада требаше да се обврзе дека ќе прекине со нападите врз израелските области.

Абас го осуди последниот напад. Во телефонски разговор со египетскиот претседател Хосни Мубарак, ја замоли владата во Каиро да влијае врз Израел да престане со одмаздничката воена политика. Ги повика и екстремистите да го ослободат киднапираниот израелски војник. Во страв од израелска одмазда, челниците на Хамас се повлекоа во позадина.

За портпаролот на Хамас Зијад Даех, пак нападот е легитимен

„За нас ова е продолжение на легитимниот отпор против окупацијата со цел да ја достигнеме слободата и независноста на Палестинците. Овој напад е одговор на страшните теротистички напади против човештвото во кои загинаа десетици невини луѓе во изминативе две недели“.

За најновиот напад одговорноста ја презедоа три групи:Милитантното крило на Хамас, Народниот комитет на отпорот и досега непознатата група Исламска армија. Нападот е одговор на продолжението на израелските воздушни напади на милитантни Палестинци и големиот број на цивилни жртви кои страдаа во нив. Израелскиот министер Цеев Боим најави остри реакции:

„Неопходно е да се реагира умно. Неопходно е да се постават такви ограничувања со кои Палестинците ќе сфатат дека теророт против Израел скапо се плаќа“.

Со ист тон реагираше и министерот за инфраструктура во израелската влада, Ефи Еитам:

„Мора да започнеме воена операција која има три цели: првата е да ја урнеме владата на Хамас. Тие и сите останати кои владеат таму мора да знаат дека ваквите работи скапо ќе ги чинат. Воените злосторници мора да се најдат пред суд. Второ мора да ликвидираме што повеќе терористи можеме, мислам стотици ако може. И трето мора да си го вратиме киднапираниот војник, жив или мртов“.

По нападот кој траеше повеќе часа, израелската пешадија влезе во територијата која е под палестинска контрола и го урна влезот во тунелот.