1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови политички ветришта од Техеран

Јашар Ерфаниан/Б. Георгиевски10 септември 2013

Новиот ирански претседател Рохани уште на почетокот на мандатот испраќа позитивни сигнали кон Западот. Западните земји се надеваат на напредок во разговорите за нуклеарната програма, а Иран за санкциите.

https://p.dw.com/p/19edY
Фотографија: Irna

И за време на изборната кампања и во неговиот инаугуративен говор пред парламентот, новиот ирански претседател Хасан Рохани потенцираше дека решавањето на економските проблеми на земјата е негов приоритет. Во истовреме, тој најави дека ќе работи на подобрување на односите со Западот, чии санкции ја парализираа иранската економија.

Освен нуклеарниот конфликт, една од главните пречки за подобрување на односите со меѓународната заедница беше и анти-израелската реторика на претходникот на Рохани, Махмут Ахмадинеџад. Со неговите вербални напади против Израел и негирањето на Холокаустот, тој редовно се изолираше на седниците на Генералното собрание на ОН.

Новото раководство во Иран сега се обидува да го промени својот имиџ и да испрати помирувачки сигнали. Министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф преку социјалните мрежи веќе ја честиташе еврејската Нова година, а притоа и додаде дека Иран никогаш не го негирал Холокаустот. „Човекот кој го правеше тоа си замина“, напиша Зариф.

Mohammad Javad Zarif
Мохамад Џавад ЗарифФотографија: valieamr

Набљудувачите гледаат уште еден позитивен сигнал во фактот што во иднина министерството за надворешни работи ќе раководи со преговорите за нуклеарната технологија на земјата. Досега тоа го правеше националниот Совет за безбедност.

„Одлуката на Рохани да го префрли нуклеарното досие во министерството за надворешни работи покажува дека владата сака да отвори нов пат во односите со Западот“, вели Реза Тагизадех, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Глазгов.

Шефот на дипломатијата Зариф служеше како заменик-министер за надворешни работи и кај претходните двајца претседатели Рафсанџани и Катами, а долги години беше и шеф на мисијата во ОН. За време на амбасадорувањето во Њујорк тој често одржувал неформални средби со американски претставници на кои се разговарало за нуклеарната програма.

Преживување на системот

„Преговорите нема да бидат лесни затоа што Иран не сака да се откаже од својата нуклеарна програма. Но, новата влада е одлучна да добие олеснување на санкциите преку дипломатски средства“, смета Тагизадех.

Зариф е познат како личност која знае како, со дипломатски јазик, да ги пренесе идеите на врховниот лидер Али Каменеи, кој пак го има клучниот збор за нуклеарната програма. Прашањето е само какви се идеите на Каменеи?

Политичкиот експерт Мехран Берати е оптимист и смета дека катастрофалната економска ситуација во Иран ќе ги убеди неговите лидери да одберат нов пат во нуклеарниот конфликт за да го обезбедат преживувањето на системот. „Досега Иран се обидуваше да ја искористи нуклеарната програма за да го одржи статусот на регионална сила. Делува како Иран да го смени мислењето и постои зголемена можност Рохани и Зариф да се обидат да постигнат мирно решение за нуклеарниот конфликт“, вели Берати.